Патот од Охрид до Св. Наум целосно е реконструиран во должина од 24,3 километри за што државата вложи 11,7 милиони евра, средства обезбедени од буџетот на ЈП Државни патишта. Освен нов асфалт, поставени е нова заштитна ограда и соодветна сигнализација.
Рехабилитариот пат до границата со Албанија кој минува низ Националниот парк Галичица, свечено беше пуштен денеска во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, заменик премиерот и министер за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, директорот на ЈП Државни патишта Коце Трајаноски, пратеници и гости.
Од брегот на Охридското Езеро, денес се испраќа силна порака, Македонија се гради. Со инвестиција од 11,7 милиони евра, пуштен е во употреба реконструираниот пат од Охрид до Св. Наум, долг 24,3 километри, со целосно обновен коловоз, нова сигнализација, заштитни огради и проширувања. Овој пат ги поврзува туристичките капацитети на јужниот дел од Охрид и манастирот Св. Наум, а е и дел од регионалната врска со Албанија. Ова не е само инфраструктурен проект, туку симбол на визија, одговорност и тивка, но посветена работа. Владата вложува во патишта, поврзување и иднина, не со зборови, туку со реални резултати. Се градат автопати низ Западна Македонија, туризмот бележи раст од над 20% во однос на минатата година, а Охрид, како УНЕСКО град, добива сè поголема пристапност и атрактивност. Ова е политика на испорака, не на ветувања. Македонија оди напред тивко, упорно, со труд и чесност, за секој граѓанин, без галама и без привилегирани, рече на свеченоста премиерот Мицкоски.
Патот Охрид – Свети Наум, за вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, е витален за целото крјабрежје и туризмот. Забележа дека одредени делници не биле чепнати од неговата изградба.
Особено ми е драго што се направи еден модерен пат и полесно и побрзо ќе можат преку целата година да стигаат луѓето кои што живеат на овој дел од езерото, но исто така и туристите полесно да комуницираат. Пред нас имаме уште големи проекти. Ова е Влада која што е само 11 месеци, Влада која што се соочи со огромни проблеми. Седум години имаше пустош во Македонија, инфраструктурните проекти беа целосно застанати, како што беше и овој, рече Николоски.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков изрази задоволство за реализацијата на капиталниот проект реконструкција, проширување и уредување на делницата Охрид – Свети Наум со кој, според него, е решен еден од најгорливите инфраструктурни проблеми.
Станува збор за еден од најзначајните проекти за Охрид, како најголема туристичка дестинација во регионот. Реконструираната, проширена и партерно уредена делница Охрид – Свети Наум отвара нови хоризонти за охридскиот туризам. Новиот пат, значи побезбеден пристап на туристите од и кон Охрид и плажите долж ривиерата. Овој проект посакуван од дамнина, сега веќе е реализиран и треба да претставува во иднина поттик за решавање и изработка на проект, кој на експресен начин ќе го олесни и сообраќајно ќе ги реши двете најпосетувани дестинации, Заливот на коските и манастирот Свети Наум, подвлече Пецаков.
Според директорот на Агенцијата за државни патишта, Коце Трајаноски, рехабилитацијата на магистралниот пат Охрид – Св. Наум е завршена во предвидениот рок.
Значењето на овој пат е од големо значење. Денеска имаме безбеден и рехабилитиран магистрален пат на кој извршивме нивелирање на косините, монтиравме заштитна челична мрежа и го подигнавме стандардот на безбедноста на оваа делница. Исто така направивме нова хоризонтална и вертикална сигнализација, поставивме нови сообраќајни знаци, извршивме поголема заштита со поставување на нова еластична одбојна ограда. Инаку ширината на овој пат е околу 6 метри, посочи Трајаноски.
Трајаноски најави дека многу скоро ќе бидат пуштени во употреба и многу други инфраструктурни проекти во Македонија.
Г.М.
Фото: А. Момироска