На една недела пред Велигденските празници килограм јагнешко месо во Охрид се продава од 300 до 320 денари, а цената на  јајцата се движи од 170 до 200 денари по табла.

Од охридските месарници велат дека годинава цената на јагнешкото месо е речиси иста како и минатата година.

-И лани јагнешкото се продаваше по приближно иста цена, можеме да кажеме дека цената е пристапна, за разлика од некои минати години, кога килограм јагнешко достигнуваше приближно до 500 денари. Меѓутоа ова сеуште не е дефинитивна цена, поголемата побаравачка во текот на наредните неколку дена, можеби ќе ја зголеми цената за 20 или 30 денари. Но тоа не зависи од нас, цената фактички ја диктира самиот пазар, велат трговците со месо.

Охридските производители на јајца објаснуваат дека цената на јајцата годинава е пониска поради поголемата понуда.

-Оваа година цената на јајцата е доста пристапна, за разлика од минатата година, кога достигна цена од 240 денари по табла. Цената ја формираме во зависност од класата на јајцето. Според моменталната состојба нема да има зголемување на цената, во текот на наредната недела. Очекуваме поголема побарувачка на јајца пред Велики четврток, велат охридските производители на јајца.

Тие ги советуваат граѓаните да внимаваат каде купуваат јајца, бидејќи за време на Велигденските празници трговците често пати продаваат јајца кои се со изминат рок на траење.


На пазарот и низ маркетите во Охрид, боите за јајца се продаваат по цена од 10 до 30 денари по пакување. Освен обичните, се нудат и бои со кристали и бисерен сјај кои се движат од 70 до 80 денари. Исто така голем е изборот и на сликички и украси за јајца кои се продаваат по различни цени.

Цените на кошничките и корпите за јајца во охридските продавници се движат од 120 до 600 денари. Малите жолти пиленца се продаваат по цена од 5 до 15 денари. Цената на сламата за корпи е од 30 до 60 денари по кесичка, а цената на прекривките за маса се формира во зависност од големината. Поскапи се секако керамичките украси со велигденски мотиви, кои ги има во најразлични форми и големини.

Е.М