Нелојалната конкуренција, дивите станоиздавачи, скапите аранжмани и намалениот број на домашни туристи се едни од главните проблеми со кои се уште се соочува Охридскиот туризам. Претставниците на туристичкиот сектор и туристичките експерти сметаат дека идните пратеници кои ќе го претставуваат Охрид во новиот собраниски состав, треба да се заложат за промена на оваа состојба.
Регистрираните станоиздавачи со кои успеавме да поразговараме се жалат дека во текот на последните неколку години значително опаднал бројот на домашни туристи.
-Во минатото буквално не можевме глава да кренеме од туристи од Скопје и од други македонски градови, но сега не е така. Сметам дека бројот на домашните гости ни се намали и поради големиот број на викенд-станови, чија што бројка е над 5 илјади. Сметам дека е потребно да се донесе некоја содветна законска регулатива за оваа нелојална конкуренција, вели станоиздавач од Охрид кој долги години егзистира од овој туристички бизнис.
Тој се надева дека со новата мерка за враќање на туристичката такса, која ќе ја реализира Општина Охрид, ќе успее да покрие барем дел од своите трошоци.
И туристичките експерти сметаат дека една од основните активности на кои во иднина треба да се насочат сите туристички чинители, е зголемување на бројот на домашни туристи.
-Ние денес имаме зголемување на бројот на странски туристи, но имаме намалување на бројот на домашни туристи. Тоа значи дека треба да следува сет на мерки кои треба да ги вратат домашните туристи. Бизнис заедницата и ние како истражувачи, треба да детектираме кои се причините за намалување бројот на домашни туристи, а оние претставници кои ќе бидат во Законодавниот дом треба истите да ги разберат и да ги преточат во решенија. Значи тоа е таа врска која треба да е витална и функционална и која создава позитивен момент, за да се придвижи едно подрачје во развој, вели проф. д-р Сашо Коруновски, декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Тој очекува дека во иднина повеќе ќе се имплементираат стратегиите за развој на туризмот, кои се донесени на ниво на Република Македонија, на ново на Охрид и на ниво на Југозападниот плански регион.
Од Охридските туристички агенции, велат дека иако во последните неколку години има низа на активности за подобрување на состојбата во туризмот, се уште се присутни и неколку проблеми.
-Во летната туристичка сезона ние како агенции во Охрид не можеме да стигнеме до гостин од дивите чекачи. До сега многу пати започнал да се решава тој проблем, но никако целосно да се искорени, вели Олег Маленко од Туристичката агенција Вис-Пој од Охрид.
Тој појаснува дека често имаат и нелојална конкуренција од страна на туристичките водичи.
-Во овој дел, потребна е измена во Законот во кој стои дека Странските туроператори се обврзуваат во рок од 24 часа откако ќе дојдат во Македонија да побараат туристички водич или туристичка агенција, која ќе им го организира престојот тука. За да ги избегнат трошоците, туроператорите директно соработуваат со туристичките водичи, а секаде во светот странскиот туроператор кој носи група на гости е обврзан да соработува со домашна агенција, кој ќе му обезбеди водич и сите останати услови за престој, појаснува Маленко, кој смета дека има и неколку пропусти во Правилникот за субвенционирање на странски туристи, кои во иднина би требало да се коригираат.
Странските туристички работници пак кои носат туристи во Македонија сметаат дека Охрид сеуште го нема искористено својот целосен потенцијал.
-Голем број туристички центри во регионот нудат плажи и капалишта и му се директна конкуренција на Охрид во летото. Охрид не може, и не треба, да се натпреварува со понудите што тие ги имаат преку лето, туку треба да го искористи туристичкиот потенцијал што другите го немаат. Треба да понуди туристички аранжмани надвор од летната сезона кои, покрај плажа, ќе вклучат и посета на културните знаменитости и руралните средини, вели Александрија Ристиќ, туристички работник од Србија.
Таа нагласува дека сепак треба да се води сметка и за цените на туристичките аранжмани, затоа што и тие се многу важни за привлекување на што поголем број на туристи.
Е.М