Портпаролот на СВР Охрид, новинарот Стефан Димоски, кој беше долгогдишен пријател на неодамна починатиот колега и портпарол на општина Охрид, Никола Маневски, до градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, новинарите и редакциите од Охрид поднесе иницијатива  за востановување на награда „Никола Маневски“.

                   

– Длабоко почитувајки ја четири децениската работа на прерано починатиот новинар    Никола     Маневски,     неговата     блескава професионалност и врвна колегијалност како и неговата неуморна борба за достоинство на професијата Новинар, Ви ја доставувам предлог-идејата за востановување на Општинска награда за новинарство „ Никола Маневски „
   
Оваа награда, би претставувала признание на сите овие вредности,  симбол на препознатливост на Новинарите и медиумската заедница од Охрид во извршувањето на професијата, стремеж кон врвно, објективно и непристрасно информирање и доследно почитување на Новинарскиот кодекс. Наградата за Новинарство „ Никола Маневски „ би претставувала признание за најдобар емитуван односно објавен новинарски текст, животна приказна како и признание за поставени високи стандарди во истражувачкото новинарство и во извршувањето на професијата Новинар во целина. – се наведува во  Предлогот за востановување на награда „Никола Маневски“, доставен од Стефан Димоски.

Новинарот Никола Маневски ненадејно почина на 31 јули оваа година на  60-годишна возраст. Тој беше еден од доајените на македонското новинарство. Смртта го затекна како портпарол на Локалната самоуправа во Охрид, а речиси четири децении остави неодминлив новинарски белег во “Радио Охрид”, “Вечерње новости”, “Борба”, беше основач на информативната служба на “Отекс” и весникот “АМАК-ПРЕС “и многу исклучително вредни новинарски проекти. Во последните години беше присутен со колумни во интернет порталот OhridNews, а своите критички ставови повремено ги изнесуваше и во други локални медиуми. Ја уредуваше и официјалната веб страна на Општина Охрид.

OhridNews