Предлог Законот за медиуми содржи сериозни грешки и се коси со Уставот, беше истакнато на јавната дебата на Здружението на новинатри на Македонија – ЗНМ, што викендов се одржа во Охрид.
Како што можеше да се слушне на расправата во која учествуваа претставници на сите регионални центри на ЗНМ во земјава, одредени одредби во законот директно ја загрозуваат слободата на изразување и претставуваат вовед во цензура. За медиумските работници сосема е погрешен концептот под иста капа дса се стават електронските, печатените и интернет медиумите, поради нивната специфика.
Новинарите сметаат дека доколку законот се усвои како што е предложен, ќе настане сериозен проблем во интернет просторот бидејќи порталите за да ги заштитат своите интереси и да ја избегнат наметнатата регулација ќе ги напуштат македонските домеини и масовно ќе се регистрираат во странство.
Голема опасност новинарите гледаат и во процесот на дигитализација кој поради високите трошоци ќе принуди многу телевизии и радија на сериозни рестрикции, отпуштања на вработени, па дури и затворање.
-Не бегаме од тоа дека ни треба регулација и подобрување на професионалните стандарди, но многу е битно како тоа ќе се направи. Ние како медиумска заедница подготвивме конкренто решение за оваа проблематика, но наместо да се седне да се разговара, започнаа да се санкционираат медиумите-истакнаа претставниците на ЗНМ.
Според новинарите сосема е погрешна тезата дека Законот за медиуми
претставува европска обврска на државата, затоа што таков закон постои
само во 5-7 земји од ЕУ каде се води сериозна дебата за неговата
издржаност.
Еден од најголемите проблеми на кои посочија медиумските работници е распределбата на државните средства во медиумите, на што постојано укажува и Европската комисија, според која постои опасност овој инструмент да се користи за корумпирање на медиумите. „Овој закон не го решава ова прашање, па оттаму се поставува прашањето дали е тогаш европски?“-беше кажано на дебатата. Според новинарите, доколку не претрпи сериозни измени, предложениот закон за медиуми не треба да биде усвоен.
Како што беше истакнато на собирот во Охрид, предвидено е да се одржат повеќе јавни расправи за предлог законот за медиуми, по што ЗНМ ќе заземе конкретен став во однос на истиот и ќе ги достави своите забелешки.