Предлог Законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата на 16 ноември на Дневен ред на пленарната седница во Собрание, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.
Потребата од воспоставување формална заштита на Студенчишкото блато е нотирана во Просторниот план на Република Македонија (2000-2020), поточно во Студијата за природно наследство (2004). Блатото „Студенчишта“ претставува последен глацијален реликтен остаток на блатната вегетација во нашата држава, развиен за време на периодот на плеистоценот.
Блатото е во загрозена состојба заради: присуство на депонија, прекината комуникација со езерото, палење и уништување на блатната вегетација и формирање на обработливи површини. Ова е прв регистриран случај на исчезнување на една цела растителна заедница, како последица на антропогениот фактор. Студенчишко блато е директно или индиректно засегнато со неколку плански документации кои имаат извршен карактер. Пред се’, тука се мисли на урбанистичко-планската документација која се подготвува на локално ниво, во самата општина каде територијално припаѓа подрачјето. Подрачјето Студенчишко Блато се предложува да добие статус на заштита во категорија IV – Парк на природата, според Законот за заштита на природата. Во предлогот се дефинирани три зони на заштита: зона за строга заштита, зона за активно управување и зона за одржливо користење, е наведено во Предлог Законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата.
Студенчишко Блато се прогласува за Парк на природата заради заштита на геолошките и биолошки вредности, пред се присуство на живеалишта и видови од национално и европско значење.
Со прогласувањето на Паркот на природата Студенчишко Блато се овозможува зачувување на природната состојба на локалитетот Студенчишко Блато преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите, стои во Предлог Законот.
Во Паркот на природата Студенчишко Блато се востановуваат следните зони: зона за строга заштита, зона за активно управување и зона за одржливо користење.
Од страна на Општина Охрид (бр. 11-3598/2 од 17.08.2020) доставена е иницијатива за прогласување на Студенчишко Блато со Одлука (бр. 08-6482/20 од 30.07.2020) за предлагање прогласување на заштитено подрачје Студенчишко Блато во категорија-Парк на природа и Студија за валоризација на Студенчишко Блато (бр. 11-3598/1 од 17.08.2020).
Владата ја усвои Информацијата за потребата од прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природа и ја донесе Одлуката за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата Парк на природа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 277/20).
Од страна на Национален совет за заштита на природата, кој е формиран во согласност со Законот за заштита на природата добиено е позитивно мислење бр.11-2265/7 од 26.04.2021 година по однос на предлогот за прогласување на заштитено подрачје Студенчишко Блато во категорија IV – Парк на природа вклучувајќи ги границите и зоните.
Врз основа на Законот за заштита на природата од 19.07.2021 година во сила е Решение за привремена заштита на Студенчишко Блато (Службен весник на РСМ бр.164/21) сè до усвојувањето на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата. Министерство за животна средина и просторно планирање потоа согласно Законот за заштита на природата изготви Нацрт на закон за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје – Парк на природата, кој беше доставен на мислење до релевантни институции.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во соработка со Општина Охрид на 23.02.2022 година во Општина Охрид, одржа Јавна расправа по Нацрт на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природатa.
По завршувањето на јавната расправа, МЖСПП изготви Предлог на Закон за прогласување на Студенчишко блато за Парк на природата.
Владата на одржаната 85-та седница го усвои Нацртот на Законот за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природа, по што истиот го достави до Собранието на понатамошно постапување.
OhridNews