Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) и Здружението на судска администрација, за утре најавуваат предупредувачки штрајк. Преку штрајкот, кој ќе трае од 10.30 до 12.30 часот, ќе се побараат измени на Законот за судска служба што се применува од средината на февруари годинава, чии одредби сметаат дека се несоодветни, демотивирачки и ретроактивни.

Претставниците на УПОЗ и на Здружението денеска информираа дека со измените што ги предлагаат бараат јасно да се дефинира опфатот и статусот на судските службеници, да се преиспита системот на оценување, да се врати додатокот на плата за степен на кариера, промени во одредбата мобилност со која тврдат дека се вработуваат несоодветни кадри.

– Кога се донесе Законот за админстративни службеници голем број закони се пресликаа директно од него. Оценувањето станува голем проблем затоа што со одредбите од овој закон се предвидува дека пет проценти од сите судски службеници мора да бидат казнети, а пет проценти наградени. Во тие пет проценти според оценувањата што се вршат на крајот на секоја година ќе бидат казнети со 10 проценти од платата шест месеци, но и со една оценка „не задоволува“ судскиот службеник може да го изгуби работното место, со две последователни оценки „два“ пак ќе го изгуби работното место, рече денеска на прес-конференција Трпе Дејаноски, генерален секретар на Синдикатот на УПОЗ.

Законот, според  Дејаноски, не нуди можност за напредување на постојните службеници, а голем проблем е и преземањето службеници од други институции.

– Законот беше донесен во многу кратка и нетранспарентна постапка во која не беа консултирани оние на кои се однесува ниту пак експерти, во постапка во која беа избегнати сите можности од давање други предлози и амандмани и заради тоа резултира со голем број технички грешки и законски одредби кои го прават неприменлив, рече Борче Мирчевски, претседател на Здружението на судска администрација.

На средба со министерот за правда, како што рече, било заклучено дека треба да се промени законот но не било преземено ништо, а не резултирала ниту нивната иницијатива пред Уставниот суд за оценување на одредени законски одредби.

Со измените на Законот за судка служба, според  Дејановски и Мирчевски, се засегнати сите вработени во судовите, чиј број заедно со судската полиција според нивните првични проценки изнесува 1.400.

OhridNews

извор Утрински весник