Нема договор меѓу четирите партии. Тоа вечерва уште еднаш мораше да го повтори американскиот амбасадор Џес Бејли, додека Шеќеринска, Тодоров, Груби и Алиу молчешкум ја напуштаа американската резиденција, jави телевизија „Телма“.

-Не можам да ви соопштам дека постигнавме дговор, но може да ви кажам дека имавме интересна нова идеја на маса. Сосема слично, како што реков во петокот, овој договор е многу важен за земјата, за вашите пријатели, за Европската унија и за САД и ние сакаме да ги дадеме сите можности за да бидеме сигурни дека ќе го најдеме патот кон напред. Партиите ќе ја разгледаат идејата и ќе продолжиме изутрина, изјави амбасадорот Бејли.

Амбасадорот Бејли не сакаше да говори за темите и деталите, но изрази надеж дека до крајот на неделата може да дојде до договор. Од минатата недела, преговорите запнаа кај прашањата поврзани со овластувањата и мандатот на министерот за внатрешни работи во преодната Влада. Пред почетокот на денешниот преговарачки ден, претставникот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Тодоров, потенцираше дека не смее да се дозволи техничкиот министер да прави партиски чистки во министерството и да остане на функцијата по одржувањето на изборите. 

СДСМ го соопшти ставот преку соопштение: ВМРО ДПМНЕ и Груевски бегаат од фер и регуларни избори и затоа постојано се враќаат на теми што еднаш веќе се затворени. Според СДСМ, министерот за внатрешни рабти мора да има полни ингеренции. Бараат враќање на законите за внатрешни работи и за полиција во првобитната состојба, какви што беа пред парламентарното мнозинство самостојно да ги измени и да и ги предаде кадровските именувања во МВР на Владата. Попладнево беше лиферувана информација дека, во знак на компромис, министерот ќе добие право на ограничен број кадровски измени, додека другите ќе ги именува Владата.

Доколку до крајот на неделава се постигне договор, ќе почне да се применува и она што веќе беше договорено минатата недела во однос на Избирачкиот список, медиумите и преодната Влада. Изборниот датум за предвремените избори ќе се лоцира во првата половина на декември. Кон крајот на август, четворицата лидери би требало да направат ревизија на спроведеното и да одлучат: дали е можно оваа година да се организираат кредибилни избори. Доколку неделава нема договор, веројатно изборите ќе се одржат на пролет.

OhridNews
извор: „Телма“