И оваа Нова година меѓу најбројните гости на охридската ривиера беа од Република Србија. Туристичката агенција „Together Travel“ од Лесковац, која едеинаесет години го работи Охрид како дестинација, направи одлично видео од престојот на нивните гости во Охрид за новогодишните празници, кое претставува одлична промоција на градот. 

–Можеме да кажеме дека оваа година ни беше една од најквалитетните, што се однесува до содржините и задоволството на патниците. За самиот дочек на Нова година во Охрид имавме 450 туристи од Србија, главно млади. Сите патници се повеќе од задоволни, како од нашата организација, така и од гостопримството во Охрид. Нашето мото не е квантитет, туку квалитет. Пред се внимателно избираме квалитетни сместувачки капацитети, со добро греење, а потоа го организираме добро разгледот на знаменитостите во градот. Секоја година имаме се повеќе патници кои повторно се враќаат во Охрид, било да е тоа за Нова година, или лето, а се враќаат тука затоа што се задоволни од сите страни. – изјави за OhridNews Владица Ѓокиќ, директор на Т.А. „Together Travel“ од Лесковац. 

Агенцијата следната тура со слична тематика во Охрид ја планира за 1 Мај, а потоа засилено ќе се подготвува за летото.

– За таа цел го подготвивме ова промотивно видео, што подобро да го претставиме квалитетот и потенцијалот кој го има Охрид. Наша цел е што поголем број на патници да усмериме кон Охридското Езеро, бидејќи со квалитетот на услугите, многубројните знаменитости и цените, кои се повеќе од поволни, Охрид заслужува многу повеќе гости. – додава Ѓокиќ.

OhridNews