Со низа активности во Охрид и земјава, деновиве се одбележува „Неделата на борба против гладта“. Преку најразлични собирни акции организирани од општинскиот Црвен крст, а поддржани од локалната самоуправа, градоначалникот Бакрачески, Локалниот совет на млади, јавниот и приватниот сектор, невладините организации и самите граѓани, се продаваат вредносни бонови кои се потребни за прибирање средства со кои понатака се купуваат прехранбени производи наменети за граѓаните од социјално загрозените семејства.

Во повеќето маркети ширум Охрид се поставени пунктови, каде граѓаните можат да уфрлат производи кои ќе бидат дел од хуманитарните пакети.

Се продават вредносни бонови, односно се собираат прехранбени производи, со кои еднократно ќе може да им се олесне трошкот за исхрана на онаа социјално ранлива категорија. Ги повикувам граѓаните, што е можно повеќе да се вклучат во акцијата, која се уште е во тек. Апелираме, продуктите кои ќе бидат донирани да имаат подолг рок на траење. “ – вели Антонио Додевски, од општинаската организација на Црвениот Крст.

За разлика од минатата, оваа година се очекува да бидат доделени над 100 прехранбени пакети. Како што појаснува Додевски, општинскиот Црвен крст води точна евиденција за семејствата, на кои првично ќе им биде доделена помошта.

Црвениот крст веќе години наназад редовно го спроведува одбележувањето на Денот и неделата на борба против гладта. Мора да напоменеме, дека во активностите се вклучени градоначалникот Никола Бакрачески, локалната самоуправа и Советот на млади. Издвоени се финансиски средства од општинскиот буџет, токму за оваа намена. Се обидуваме да ги анимираме компаниите, јавниот и приватниот сектор, односно хуманите граѓани. Во изминатите години сме доделувале околу 80 пакети, а се надевамде дека во оваа бројката ќе надмине над 100.“ – додава Додевски.

Општинската организација на Црвениот крст, е подготвена да им излезе во пресрет и на оние граѓани, кои имаат потреба од топла облека и текстилни производи.
 
Постојано апелираме до социјално загрозените граѓани дека имаме доволни количини на поволен текстил, а сите заинтересирани кои имаат потреба од истиот, можат да дојдат и да земат облека во просториите на Црвениот крст Охрид, во секој работен ден. Апелираме до оние кои имаат вишок облека по дома, слободно да дојдат и да го донираат. Секако, да не се работи за оштетен материјал.“ – потенцира Додевски.

Меѓу социјално загрозените се и 80-тина граѓани, кои секојдневно својот оброк го подигнуваа од Народната кујна која веќе неколку години функционира во рамките на Државниот студентски дом „Никола Карев.“

Народната кујна опслужува околу 80 корисници, а храна се служи секој ден од понеделник до петок. Во петок, граѓаните земаат сув оброк за сабота и недела, со што целата седмица им е покриена со исхрана. Менито е стандардно, имаме супа, салата, главно јадење со парче месо, а за викендите се дава сува храна како нарезок и паштета.“ – вели директорот на Студентскиот дом „Никола Карев“, Марјан Ристески.

Инаку, во текот на вчерашниот ден, градоначалникот Никола Бакрачески и претставници од локалната самоуправа, во маркетот Тинекс купија прехрамбени производи со што директно се вклучија во хуманитарната акција по повод Неделата за борба против гладта.

O.T.