Конференцијата ќе има повеќе сесии, а една од нив ќе има мултимедијална димензија, односно ќе биде остварена преку интернет. Најатрактивната ќе биде на православниот празник Водици од 12:30 часот, кога 3Д графичката реконструкција на ранохристијанската базилика од Плаошник, ќе биде презентирана пред јавноста.
„Проектот е работен веќе една година, на кој ќе биде презентирана базиликата со двете Светиклиментови цркви во 3Д реконструкција. Сето ова претставува нов пристап кон промоцијата на богатото културно наследство кое го нуди градот. Луѓето ќе можат визулено да видат како излгледала целата базилика од минатото. Без нашиот ментор и учител, Владо Маленко, овој проект немаше да успее. За во иднина планираме да направиме реконструкција на целиот град.“ – вели охридскиот зоограф и уметник Јане Бакрески, од Универзитетот „Св. Апостол Павле“.
Според универзитетскиот професор и етнолог Рубин Земон, во изминативе години медиумите се главните средства, преку кои се афирмира културното наследство. „Новите медиуми стана главна алатка за промоција на вредностите од културното наследство како туристички производ. Сето ова драстично го трансформира начинот на кој ние ги прифаќаме, чуваме и презентираме информациите. Овие медиуми станаа неопходен дел од образовниот процес од областите на антропологијата, археологијата, историјата и другите хуманистички науки.“ – вели Земон.
Археологот Владо Маленко, смета дека оваа конференција треба да прерасне во традиција, а заедничката тимска работа од година во година дава плод. „Ме радува што конференцијата се одржува на еден многу значаен празник – Водици, кој во Охрид од туристички апспект прераснува во масовна манифестација. Заедничката тимска работа отвора нова димензија во начинот на презентација на културното наследсто. Ова е нешто, што досега не било вака презентирано никаде во светот. Благодарение на современата технологија и умешноста на студентите, односно волјата која ја имат професорите, универзитетот и институцијата Завод и Музеј, помогна да го оствариме проектот.“ – изјави Маленко.
Инаку, Охрид за прв пат е домаќин на ваква конференција, која е во организација на Институтот за Социо-културна антропологија во соработка со Универзитетот за аудивизулени уметности ЕСРА и Евро-азиската акaдемија за телевизија и радио од Москва, Русија. Покровител на конференцијата е Општина Охрид.