Според ресорниот министер, граѓаните преку оваа алатка ќе можат навремено да дознаат за евентуалните пожари, поплави и другите елементарни непогоди. „Во соработка со Центарот за управување со кризи, за граѓаните ќе бидат достапни податоци кои во иднина ќе се користат од јавниот сектор. Тоа ќе придонесе за создавање нови апликации, со кои ќе се обезбеди адекватно планирање и менаџирање на ресурси“ – додаде Ивановски.
Мобилната апликација која ќе биде достапна на македонски, англиски и албански јазик, е наменета за Андроид, iPhone и Windows. Како што информираат од Центарот за управување со кризи, апликацијата ќе биде ефикасна само кога податоците навремено ќе бидат ажурирани. „Точните и прецизни информации ќе бидат од полза за граѓаните. Пристапот до овие податоци ќе може да спречи идни човечки жртви.“ – истакнува Заменикот на постојаниот претставник на УНДП, Алесандро Фракасети.
Инаку, Македонија е првата земја во регионот која доби мобилна апликација за намалување на ризици од катастрофи и кризи.