Преку музички настапи и тетарски изведби во рамки на настанот „Инклузивна Уметност“ лицата со попреченост од Охрид и Струга вечерва испратија порака за нивна поголема вклученост и рамноправност во рамки на општеството и секојдневниот живот.

Во подготовката на овој настан кој се организира по повод 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, беа вклучени Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“ од Струга, Здруженијата на слепи од Охрид и Струга, Здруженијата на глуви и наглуви лица од Охрид и Струга, Здружението „Добротољубие 2014“ при црквата „Св. Ѓорѓија“ од Охрид, Дневниот Центар „Зраци“ од Охрид, Посебната паралелка од ОУ „Браќа Миладиновци“ од Струга и Посебните паралелки од ОУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид.

-Овој настан има голема важност, со самото тоа што во него се вклучени девет организации кои работат со лица со посебни потреби и се грижат за нивната инклузија во општеството. Во рамки на настанот, освен организирањето на приредбата со музички и тетарски точки, организациите  ја претстават и својата работа на промотивни штандови, вели Анита Гагоска Шутиноска од „Порака Нова“ од Струга.

Претседателот на Здруженеито на слепи од Охрид Славчо Џајкоски вели дека целта на настанот е јавноста да се запознае со работата на сите организации и да се покажат можностите и способностите кои ги имаат нивните членови и штитеници.

-Сите овие здруженија кои се вклучени во организација на овој настан, во рамки на своите програмски активности, во текот на целата година организираат различни настани во областа на спортот, забавата и културата. Основната цел на овие активности е во сите сегменти на животот да ги инволвираме членовите за да си ги покажат своите способности, а верувајте дека тие имаат многу големи способности, нагласува Џајкоски.

Според него иако постојано се работи, се уште постојат бариери со кои лицата со попреченост секојдневно се соочуваат. Тој изрази надеж дека оваа состојба во текот на наредниот период ќе се подобри и дека ќе успеат да се изборат за поголема вклученост на овие лица во повеќе сегменти од општественото живеење.

OhridNews