Од почетокот на идната година, Царинската управа ќе почне со тестирање на нов интегриран софтвер за обработка на царински декларации и акцизни документи, кој во употреба ќе биде ставен во вториот квартал од 2019.
„Со софтверот се заменува застарената процедура што предизвикуваше многу проблеми како за економските оператори, така и за царинските службеници. За целосна функционалност на софтверот потребно е и другите институции да ги прилагодат нивните, но и спроведување на обука за цариниците. Од друга страна, овој софтвер нè доближува до Европската Унија. Царинската управа е една од првите институции кои почнаа да се пролагодуваат на регулативите на Европската Унија“, изјави директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.
Директорот Танасоски потенцира дека со воведувањето на софтверот, ќе се скрати времето на чекање од 4 часа на камионите на царина, а економските оператори ќе имаат заштеди до 5.2 милиони евра. Воедно ќе се олесни пренесувањето на стоки.
Македонија ќе биде прва земја во регионот која воведува ваков софтвер.