Намалување на невработеноста, искористување на човечкиот капацитет на Македонија, како и задржување на младите дома, а во насока за развој на економијата и обезбедување на подобар живот на граѓаните е целта на Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година кој денес беше презентиран пред охриѓани.

Планот опфаќа меѓудругото и мерки за самовработување на лица до 29 години, но и над 29 години, како и поддршка за фирмите при вработување на лица.

Многу е тешко во денешното време млад човек да најде работа. Да се почне со занает е тешко. Мојата желба е да отворам сопствен бизнис и да се бавам со козметика. Аплицирав на јавниот повик. Посетувам бесплатен курс за козметичари преку Занаетчиската комора. Шест месеци сум без работа и тешко се функционира без сопствени пари, вели 26-годишната охриѓанка Ивона Ристеска.

Сите потенцијални кандидати за отворање на занаетчиска фирма прво прашуваат дали има субвенции, некои поволности за отворање и регистрација на нова фирма, вели Сашо Богоески, претседател на Регионална занаетчиска комора Охрид.

Минатата година регистриравме 16 нови фирми, од кои 15 се преку проекти на Агенцијата за вработување и УНДП. Во изминативе две години само двајца регистрирале фирми самостојно, без да добијат субвенции од државата. Голем е интересот кај младите пред се за субвенционирање од државата. Најпроблематично е занаетчиството последниве години бидејќи со отворањето на неколкуте фабрики за производство на резервни делови за автомобили голем дел млади заминаа таму за пристојни плати. За да се отвори занаетчиски дуќан денес, треба да се има за почеток 30 000 денари за месечни трошоци, ако сте под кирија. Подобро 35 000 денари да се земат како плата при работа во фабрика отколку 30 000 денари трошоци месечно и плус ако остане нешто за тебе. Затоа дел од младите одат да работат или ги затвориле салоните за да работат во фабриките, вели Богоески.

Посочи дека потребна е стратегија за развој на занаетчиството, бидејќи истото, вели, е во изумирање, посочувајќи дека дефицитираните занаети треба да бидат ослободени од плаќање на придонеси и персонален данок, односно да немаат никакви давачки кон државата за да можат да опстанат.

Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски го поздрави Владиниот Оперативен план за вработување, а укажа и на активностите што општината ги презема со цел да се намали бројот на невработени лица.

Општината во неколку наврати имала слух и ги отворила вратите обучувајќи средношколци од економската струка кои на тој начин се стекнуваат со непроценливо важни искуства кои ќе им бидат златен билет при вработување. Она што ни е потребно, а е во насока на намалување на бројот на невработени лица е оживување на старите занаети, кувенџиство, шапкарство, опинчарство, филигранство. За жал, живееме во време кое кубури со занаетчии. На една рака се бројат лицата  кои по дома поправаат електрични уреди, а ни се потребни на сите нас. Тука се молери, плочкари, дограмаџии. Затоа топло ги советувам младите охриѓани добро да размислат кога ќе носат одлука за својата животна професија. Нека го изберат она што сакаат да го работат и што ќе ги исполнува, а секако да ги разгледаат и потребите на пазарот на труд, рече Божиноски.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески истакна дека Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година е најголем по опсег и изнесува 40 милиони евра, 7,5 милиони евра повеќе од претходната година.

Истиот е најмногу наменет за младите луѓе до 29 години. До минатата недела заврши една од најатрактивните мерки, мерката за самовработување до 29 години. Лицата кои ќе бидат избрани за отворање на бизнис ќе може да користат до 10 илјади евра, над 29 години до 7 илјади евра, а имаат можност и за здружување на две лица во Друштво со ограничена одговорност, каде би имале можност да користат до 29 години, 20 илјади евра, и 14 илјади евра над 29 години. Досега имаме рекорден број на апликации, преку 6000 апликации на ниво на Македонија. Сега влегуваат во процедура каде што ќе бидат избрани најдобрите бизнис идеи и преку АВРМ и Агенцијата за поддршка на претприемништво ќе бидат водени до отворање на бизнис и вработување, вели Ристески.

Оваа недела, потенцираше, актуелна е уште една мерка, мерката за раст на правните субјекти, каде постојаните фирми, микро, мали и средни ќе имаат поддршка од страна на АВРМ и Оперативниот план да можат да вработат луѓе.

Исто така, посочи, фокусот е ставен на млади луѓе до 29 години каде ќе имаат помош во субвенционирање од 240 илјади денари за ранливи категории и лица со посебни потреби доколку вработат Роми и тие кои подолго чекаат работа би добивале до 220 илјади денари субвенционирање, а 140 илјади денари за лица невработени над 29 години.

Како Влада и Министерство за економија и труд преку вакви мерки како Оперативниот план, преку одредени законски измени и решенија кои се во тек и ќе следуваат во иднина гледаме да овозможиме што повеќе невработени лица да се вработат и поголем дел од младите луѓе кои се работоспособни, а се помалку ги има на пазарот на трудот, да ги задржиме во Р. Македонија, додаде Ристески.

Мирјана Влаоска, раководител на Центарот за вработување во Охрид посочи дека во Охрид за мерката поддршка за самовработување на невработени лица барања имаат поднесено 130 апликанти, млади лица до 29 години и постари над 29 години.

Оваа мерка е завршена, фазите постепено течат. Интересот за овие мерки е голем постојано доаѓаат невработени лица, се интересираат и работодавачите. Секој ден имаме побарувања за келнери, шанкери. Охрид како угостителски град се соочува со вакви проблеми, но за жал младите го напуштаат Охрид и одат во други држави. Сега засега со вакви мерки се трудиме да влијаеме на сезонските вработувања и вработувањата воопшто, да се задржат постоечките работни места и да се креираат нови работни места, поттикнување на развојот, вработување на невработените лица, а акцентот е ставен на лицата до 29 години. Работодавците во угостителскиот сектор сами се снаоѓаат со студентите, средношколците кои доаѓаат од другите градови. Недостиг на работна сила секако има. Има многу побарувања од различни работодавци, од различни хотели. Работници има од сите земји, веројатно да надоместат одереден дел, но домашната работна сила е клучна, а за жал ја нема, додаде Влаоска.

Инаку, согласно Оперативниот План за 2025 година предвидено е да се вклучат вкупно 16.057 невработени лица на ниво на држава, од кои 12.537 лица во активни мерки за вработување, а 3.520 лица во услуги за вработување.

Н.С.Ј.