Два нови и значајни инфраструктурни проекти, со вкупна вредност од 5 милиони денари, се одобрени од страна на Владата на Македонија,со кои Центарот за развој на Југозападниот плански регион ќе ја подобрува енергетската ефикасност на јавните објекти, а поефикасно ќе го решава и проблемот со јавниот комунален отпад во одделни општини од Регионот.
–Согласно усвоените регионални проекти, во основните училишта “Кочо Рацин”- Охрид, подрачно училиште село Долно Лакочереј и “Неџати Зекирија” во село Коџаџик- Центар Жупа, ќе се вршат интервенции на кровните конструкции со цел да се подобри нивната изолација. Во ОО “Дебрца” – подрачно училиште село Оровник, ќе се извршат потемелни зафати, со внатрешна реконструкција на подот и тоалетите и замена на вратите и прозорците. Инвестиционите зафати чинат околу 2,5 милиони денари, подвлекува проектниот координатор Стојан Савески.Тој додава дека основната цел на планираните мерки е да се подигне нивото на енергетска ефикасност во јавните објекти.
Во текот на годинава, Центарот за развој слични проектни активности спроведуваше и во СОУ “Мирко Милески” во Кичево и ООУ “Браќа Миладиновци” во Струга, како и во детската градинка “Брешиа” во Дебар. Вкупната инвестиција изнесуваше околу 3,6 милиони денари.
Поставување подземни контејнери во Дебар,Охрид ќе ги добие наскоро
–Со другиот проект, во Охрид и Кичево ќе бидат поставени подземни контејнери во централното градско подрачје со што поефикасно ќе се решава проблемот со комуналниот отпад. Станува збор за нови современи методи во складирањето и подигнувањето на отпадот,што од неодамна се применуваат во земјава, истакнува раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска. Нашиот Регион, е меѓу првите, во кои се реализираат вакви проекти и тоа во повеќе општини. Во првата фаза се опфатени Струга и Дебар, а сега и Охрид и Кичево, каде што вкупно се инвестираат 4,3 милиони денари за решавање на проблемот со комуналниот отпад. Позитивни ефекти се очекуваат во текот на туристичката сезона кога посетителите во Охрид и Струга ќе бидат “поштедени” од непријатната реа што се шири од класичните контејнери. Во Охрид во подземните контејнери ќе може да се складираат 9 кубни метри комунален отпад, кој потоа со посебна хидраулика ќе биде подигнат и транспортиран на депонија.
Следната година, согласно определните на Владата на РМ, средствата за регионален развој во националниот буџет се удвоени на 300 милиони денари, од кои на Југозападниот плански регион му припаѓаат нешто помалку од 28 милиони денари. Според зборовите на Лозаноска, Центарот за развој на Југозападниот плански регион веќе ги достави на одобрување регионалните проекти за 2016 година до Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој. Се очекува, со проектите, да биде опфатено решавање на значајни инфраструктурни проблеми, бидејќи истите се утврдени како приоритетни низ консултациите со релевантните чинители од Регионот, а пред сé општините.
OhridNews













