Преку воспоставувањето на регионалните ВЕТ центри, во сите осум плански региони, се очекува зголемување на вработливоста на младите, но и повозрасните и стимулирање на економскиот раст. Вложувањето во подобрување на условите за настава, како во насока на реконструкција на објектот, така и во опрема, но и обука на наставниот кадар, РЦСОО „Ванчо Питошески“ се очекува да произведува стручен кадар кој ќе одговори на потребите на угостителско-туристичкиот сектор и ќе ја движи економијата. Ова беше посочено на денешниот настан посветен на презентација на придобивките за стручното образование од проектот „ЕУ за млади“ кој се одржа во РЦСОО „Ванчо Питошески“.

Инвестирањето во образованието, особено во стручното образование како што е туристичкото, е најдобрата инвестиција за иднината на нашиот регион. Со секоја нова генерација на ученици кои завршуваат во РЦСОО „Ванчо Питошески“, ние добиваме амбасадори на охридскиот туризам, луѓе кои ќе ја обликуваат неговата иднина, рече во обраќањето, заменик градоначалничката на Општина Охрид Ана Крстеска.

Учениците се двигателите на иновациите, креаторите на нови туристички понуди и гаранти за висококвалитетна услуга. Затоа, да ја препознаеме и да ја цениме улогата на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“. Да го поддржиме неговиот развој, да обезбедиме соодветни услови за работа и учење и да продолжиме да вложуваме во нашите млади луѓе. Тие се нашата најголема предност во развојот на туризмот, а училиштето „Ванчо Питошески“ е клучот за отклучување на нивниот потенцијал, додаде Крстеска.

Реформата за регионалните ВЕТ центри е нешто што е сеуште тековно во нашата земја, но е долг процес кој бара голема инвестиција, истакна Ивана Поповска Батиниќ, претставник на Министерството за образование и наука.

Со средства од проектот на ЕУ се започна и се заврши реконструкцијата на овој значаен објект за нас. Во овој процес имавме три образовни објекти. Но, оваа реформа не застанува овде, веќе одиме во следната реформа со уште четири. Свесни сме сите колку е значајно да се има добри услови за работа, а уште поважно добра опрема за работа. Од таа перспектива државата го препозна потенцијалот и барањата да се овозможат такви услови. Реформата за воспоставувањето на овие регионални центри е најдоброто нешто во државава. Продолжуваме со уште четири нови регионални ВЕТ центри, а предвидени се осум колку што има и плански региони. Многу е важна соработката со локалната која ја имаме во Охрид. За оваа година за РЦСОО „Ванчо Питошески“ обезбедени се буџетски средства за набавка на опрема, потенцираше Поповска Батиниќ.

Целта на трансформациите во стручното образование и обуките е да се зголеми вработеноста, да се привлече поголем број на ученици и наставници во стручното образование кое веќе нема да се гледа како образование за слаби ученици, но и да се зголеми интересот за образование кај возрасните, рече Александру Албу, претставник на Делегацијата на ЕУ.

Во оваа насока ЕУ поддржува стручно образование и обука за возрасни. Овие програми се нарекуваат „ЕУ за млади“ и се вреди околу 15 милиони евра и се гаранција за развојот на стручното образование особено во создавање на центрите, посебено на трите, во Куманово, Тетово и Охрид. Секој центар ги зема во предвид спецификите на регионот. ЕУ дополнително ќе го засили развојот на човечкиот капитал во Р. Македонија со реформите за раст на Западен Балкан. Ова вклучува отворање на нови регионални центри, промоција на дуалното образование, валидација на формално и неформално образование и надградба на вештините на наставници, вели Албу.

ЕУ, посочи, го поддржува и развојот на правната рамка во образованието, притоа поздравувајќи го усвојување на Законот за образованието и Законот за образование на возрасни.

Овие закони се спроведени во 2024 година чија главна цел беше да го стимулираат и развојот на образованието на возрасните. ЕУ е заедно со Македонија во напорите за подобрување на квалитетот на образование, да ги задржува талентите во земјата и да ги надградува со вештини потребни за пазарот на трудот. Регионалните ВЕТ центри во земјата ќе дадат значаен придонес, ќе се зголеми и вработливоста кај младите и повозрасните и ќе се стимулира економскиот раст. Ова е важно за Југозападниот регион посебно за градот Охрид кој секоја година ќе привлекува повеќе посетители. ВЕТ Центарот „Ванчо Питошески“ ќе го задоволува овој раст преку обучување на високо квалификувани специјалисти во областа на хотелиерството, потенцираше Албу.

Во периодот од 2022/2023 година со поддршка на проектот за техничка помош беа развиени и се опфатени планови за развој на човечките ресурси за поддршка на просветениот кадар, истакна Галија Божанова, тим лидер на проектот „ЕУ за млади“.

Сите наставници во стручното образование завршија просечен над 26 дена професионален развој и 13 дена пракса во компании исполнувајќи и надминувајќи ги посветените стандарди. Нашиот административен и технички персонал покажа извонредна посветеност со просечно 32,8 дена обука. Важно да се напомене дека 80% од тимот е обучен за инклузивно образование, обезбедувајќи поддршка и охрабрување за ученик без разлика на неговите потреби. Оваа посветеност на квалитетот се одразува и во наставата на програмата. „Ванчо Питошевски“ сега нуди обуки во повеќе од 10 занимања од кои многу се реализирани преку дуалното образование.

Особено сме горди, вели, на постигнувањата во образованието за возрасните, посочувајќи дека валидирањето на неформалото учење успешно се спроведува при што првите четворица возрасни лица беа сертифицирани во 2024 година, двајцата како мајстори за пици и двајца како баристи.

Овие сертификати не се само титули, тие се можности кои го менуваат животот овозможувајќи им на поединците одредени вештини и отворање на нови кариерни патишта. Освен реновирањето на центарот „Ванчо Питошевски„, кој беше промовиран преку „ЕУ за млади“, беше домаќин и на Меѓународниот гастрономски натпревар ГАСТУС 2023, настан кој собра околу 200 ученици од 15 регионални училишта за угостителство и туризам кои се натпреваруваа во готвење и туризам. Во текот на тридневниот настан кој се одржуваше во х. Белви учениците ги покажаа своите вештини, разменуваа искуства и создаваа нови пријателства. Повеќе од 200 ученици денес ги користат придобивките од модернизираните капацитети и програми станувајќи дел од динамична заедница посветена на иднината. Трансформацијата оди подалеку од инфраструктурата. Таа претставува инвестиција во луѓето, потенцијалот и просперитетот на регионот. Создава центри на извонредност каде образованието води до можности и кариера. „Ванчо Питошевски“ не е само училиште, тоа е порта кон успехот, додаде Божанова.

Директорот на РЦСОО „Ванчо Питошески“, Тони Андрески потенцираше дека во тек е набавка на опремата за подобрување на квалитетот на наставата, во склоп на која изработена е проектна документација и поднесена е до соодветните институции кои треба да спроведат тендерската постапка.

Во последните три години се зголемува бројот на запишани ученици во регионалниот центар. Во учебната 2024/2025 година воспитно образовниот процес го следат 233 ученици распоредни во 19 паралелки при што се забележува зголемување на запишани ученици за околу 6%. Последните години се забележува тренд на намалување на процесот на осипување, минатата година е на посакувано ниво под 4%. Пред три годни се воведе дуално образование кое им обезбедува на младите брзо и индирекно вработување и сигурна иднина. Кадарот што го произведува нашето училиште е дефицитарен на пазарот на труд. Работодавачите од секторот ја нагласуваат потребата од вработување стручно оспособен кадар. Дополнителен проблем е што постоечкиот кадар ја напушта нашата држава поради што постои дефицит во секторот. Со сите ресурси со кои располага Регионалниот центар е подготвен да ги задоволи потребите на работодавачите од секторот угостителство и туризам. Се надеваме во иднина дека Центарот ќе создава кадар за потребите на реалниот сектор, земјаќи ги предвид најдобрите ЕУ практики.

Инаку, како дел од концептот за развивање на регионални центри за стручно образование и обука од декември 2021 се започна со целосна реконструкција на училишната зграда и ученичкиот дом, промена на кровната конструкција, енергетски ефикасна зграда, реконструирање на постоечки училници и кабинети, како и набавка на опрема.

Реконструкцијата и рехабилитацијата на зградата на РЦСОО „Ванчо Питошески“ како и ученичкиот дом се изведе со инвестиција од Европската унија од околу 1,7 милиони евра.

Н.С.Ј.