Современиот начин на живот носи низа негативни последици врз развојот и здравјето на децата. Во борба за егзистенција, родителите имаат се помалку време да поминат со своите деца, кои голем дел од денот минуваат пред ТВ екраните, компјутерите, играјќи игри на паметните телефони, што според најновите истражувања е причина за се поголемиот процент на кратковидост и појавата на други аномалии на видот на децата.
Кои се првите знаци за родителите дека треба да се посети очен лекар, кога треба да се направат првите контроли на очите кај децата, колку време може да минуваат со паметните телефони и компјутери, објаснува д- р Виолета Павловска, Специјалист Офталмолог F.E.B.O.(европска специјализација за Офталмологија- Fellow of European Board of Oftallmology).
OhridNews: Која е најраната возраст кај децата на која може да се забележат одредени проблеми со видот и очите?
Д- р Павловска: Најрана возраст на која може да се забележат проблеми со очите е веднаш т.е од првиот ден после раѓањето ако постоела ризична бременост, предвремено раѓање или ако родителите или неонатологот забележале било каква аномалија на очите– промени на големината, бојата, движењата на очите, солзење или било каков друг проблем. Значи и очен преглед може ако треба да се изврши на штотуку родено дете или во првите месеци од животот, ако за тоа има потреба.
OhridNews: Кои се најчестите заболувања или аномалии кај децата?
Д- р Павловска: Во првите месеци од животот најчесто е солзењето и воспаленијата на слузницата на едно или двете очи кое се јавува поради непроодност на солзните канали- проблем кој често со растењето на бебето најчесто до првата година од животот се губи или пак ако не се поправи спонтано се интевенира на солзните канали.
Уште почест проблем кај малите деца е разрокоста и слабовидноста која се јавува заради најчесто некорегирана диоптрија или заради слабост на мозокот да ги координира движењата на очите. Кај предвремено родените деца може да се јават специфични за нив промени на ретината, но и потребата од носење наочари или разрокоста се почести кај овие деца. Има промени на големината на очите на пр. едно око е со нормална големина, другото помало, постојат и вродено перде на едно или двете очи, вроден глауком, тумори на очите од најрана возраст.
OhridNews: Кои се симптомите кои на родителите треба да им укажат дека треба да се посети очен лекар?
Д- р Павловска: Најчесто промените во големината, бојата и нарушени движења на очите како разрокоста се јасно видливи и им укажуваат на родителите дека е потребен преглед. Но, и триење со рака на едно или друго око, замижување на едното око или искривен врат т.е. наведнување на главата на една страна, приближување до телевизор, се исто знаци кои укажуваат дека е потребен преглед на очите. Многу е важно за родителите да се укаже дека децата и со многу нарушен вид може многу нормално да се движат и играат. Затоа се важни превентивните прегледи, затоа што не сите проблеми на очите се забележливи за околината.
OhridNews: Голем број деца гледаат телевизија или одредени забавни содржини на компјутер на многу мала оддалеченост. Дали тоа е штетно за видот?
Д- р Павловска: Телевизијата и не е многу проблематична, затоа што се гледа од далечина, но новите електронски апарати најмногу паметните телефони, таблетите, лаптопите и компјутерите ја поттикнуваат кратковидоста кај децата и младите луѓе. При работа на овие апарати се користи фаза на гледање во близина и најчесто се врши при лошо осветлување во затворена просторија. Двата овие фактори ја поттикнуваат кратковидоста. Затоа апелирам до родителите да ја ограничат употребата на овие апарати.
Има податоци кои покажуваат дека во одредени области во Кина 90% од децата и младите се кратковиди. Во Германија 10% од 3 годишните деца и 50% од 8 годишните деца се постојано он- лине. Се очекува процентот на кратковиди во Германија кој засега изнесува 40% нагло да се зголеми. Веќе се забележани цели одделенија на ученици кои носат наочари. Немаме податоци во Македонија колкав е процентот.
Да напомнам и тоа дека освен проблемите со очите често пати децата се жалат на необјасниви главоболки и вртоглавици поаради интензивна употреба на паметните телефони.
Најдбро е да се стимулира престој на отворено барем 2 часа во денот. Тоа се препорачува и во училиштата. Секој одмор да се престојува надвор на отворено. На пладне на отворен простор јачината на светлото е 10 000 Luxa, а оптимално осветлување во училниците е 500 Luxa. Затоа во Сингапур се конструираат посебни училници со соодветно осветлување за работа на компјутери. Веројатно во иднина во училиштата за работа на електронски апарати ќе треба да се воведат посебни услови т.е посебно осветлување, покрај соодветни клупи и столици за таа намена. Значи, да се ограничи употребата на електронски апарати, а да се стимулира престој на отворено заради гледање во далечина и заради доброто осветлување. Со тоа се намалува можноста за развиток на кратковидост.
OhridNews: На колку време треба да се прават редовните контроли кај најмладите?
Д- р Павловска: Превентивните прегледи треба да се вршат на 3- 4 годишна возраст кај сите деца т.е и кај деца кај кои нема никакви проблеми. Понатака одредува лекарот според аномалија и потребата од лечење. Видот се учи од првиот ден до 7-8 годишна возраст. После тоа е оформен изавршен развитокот на видот и немаме можност за влијание. Колку побрзо се открие некоја аномалија во видот толку подобро може да се лечи, затоа е важно да се изврши првиот превентивен преглед најдоцна на 4 години, а како што реков за секој претходно воочлив проблем во било која возраст.
OhridNews: Колку е препорачливо за децата да носат очила за заштита од сонце?
Д- р Павловска: Употребата на наочари со УВ заштита ја препорачувам и е важна како за децата така и за возрасните, посебно во изразито сончевите денови кои кај нас ги имаме за среќа многу.
Т. Кувенџиска















