Фудбалерите на минхенски Баерн, во среда, заминуваат на зимски подготовки во Катар, а ден пред зaминувањето тренерот Пеп Гвардиола одржа прес конференција. Шпанскиот стратег открива зошто решил да не го продолжи договорот со Баерн, открива каде ќе продолжи да работи, но не го открил името на новиот клуб.
„Сакам да тренирам екипа од Премиерлигата и тоа е главната причина поради која не го продолжив договорот со Баерн. Сакам да запознавам нови градови, ресторани, луѓе, стадиони. Тоа се основните причини поради кои заминувам“, рекол Гвардиола, пренесува „Макфакс“.
Шпанскиот стратег смета дека станал дел од славното минато на Баерн, а смета дека нема да биде неуспех доколку не ја освои Лигата на шампионите.
„Ги разбирам луѓето кои сметаат дека мојата работа во Баерн нема да биде совршена доколку не ја освојам ЛШ. Но јас не мислам така. Да се доживее само еден пораз во домашното првенство во три години е можеби позначајно од освојувањето на ЛШ. Моја примарна задача е да направам овие играчи да бидат подобри.“
„Му благодарам на Румениге и на сите во клубот кои сакаа да ме задржат, но мене ми е потребен нов предизвик во кариерата. Треба да сум под притисок за да работам најдобро што можам“, рекол Гвардиола.
Како нов клуб во неговата кариера се споменува Манчестер Сити.
„Во овој момент имам неколку понуди, но ниту една од нив немам отворено. Кога ќе потпишам договор со некој клуб тогаш ќе бидете известени“.
Пеп Гвардиола за две ипол години на клупата на Баерн Минхен освои две титули во Бундеслигата, и по една во Купот, Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство.
Ohridnews











