Во пријателскиот фудбалски натпревар одигран на Олимпискиот стадион во Берлин, селекцијата на Англија ја совлада репрезентацијата на светскиот првак Германија со 3-2, иако беше во заостанување од 0-2.
Германија поведе со голот на Тони Крос во 43 минута, а водството го зголеми Марио Гомез во 57-та. Меѓутоа, брзиот гол на Хари Кејн во 61 минута, ги врати Англичаните во игра и најави дека „Гордиот Албион“ би можел по третпат да ги совлада Германците на нивен терен, откако тоа претходно му успеа во 2001 година во квалификациите за Светското првенство со резултат 5-1, како и во пријателскиот меч во 2008 година, со 2-1.
До крајот на натпреварот Англија успеа да го направи целосниот пресврт, откако прво во 75 минута со петица гол постигна Џејми Варди 198 секунди откако влезе во игра како замена, а победничкиот гол го постигна Ерик Диер во првата минута од судиското продолжение.
Азербејџан, во мечот одигран во турскиот град Анталија, загуби од Казахстан со голот на Абзал Бејснеков во 8 минута.
Полска без никакви проблеми ја совлада Финска со 5-0, продолжувајќи ја победничката серија од пет натпревари. По два гола постигнаа Камил Гросицки, во 18 и 85 минута, и Павел Вшолек, во 20 и 67 минута, а Филип Старжинки погоди во 33 минута.
Русија на московската „Откритие Арена“, исто така, без поголеми проблеми со 3-0 славеше над Литванија. Стрелци беа Федор Смолов во 41 минута, Александр Головин во 61-та и Денис Глушаков во 72 минута.
Австрија во Виена ја совлада Албанија со 2-1. Головите ги постигнаа Марк Јанко во 6 и Мартник Харник во 13 минута, додека гостите намалија во 47 минута преку Ермир Лењани. Албанија мечот го заврши со играч помалку, откако во 78 минута беше исклучен Ергис Каче.
„Макфакс“
OhridNews