Владата на Република Македонија и премиерот Зоран Заев во наредните два дена ќе бидат домаќини на државната делегација на Република Бугарија што ќе ја предводи премиерот Бојко Борисов.
Официјалната посета на високата делегација на Република Бугарија ќе започне со пристигнувањето на аеродромот во Скопје на 1 август, во 11 часот и 30 минути.
Официјалната церемонија за добредојде на премиерот Борисов и на членовите на државна делегација на Република Бугарија, со највисоки државни и воени почести, ќе се одржи на платото пред Владата на Република Македонија и ќе започне во 12 часот и 15 минути.
Во рамките на оваа свечена церемонија се предвидени интонирање на државните химни на Република Македонија и Република Бугарија, рапорт на командантот на почесната военагардиска единица, поздрав на знамето на Република Македонија, обиколка на почесната воена гардиска единица и поздравување од страна на претседателот на Владата на Р. Бугарија, како и претставувањето на делегациите на двете земји од страна на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.
Во 12 часот и 35 минути е предвидена тет-а-тет средба меѓу Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија и Бојко Борисов, претседател на Владата на Република Бугарија, а членовите на делегациите на Владата на Република Македонија и на Владата на Република Бугарија ќе имаат билатерална средба во 12 часот и 55 минути.
Во 13 часот и 35 минути ќе се одржи церемонијата на потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од страна на Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија и Бојко Борисов, претседател на Владата на Република Бугарија.
Како составен дел на оваа церемонија се и потпишувањата на Меморандуми за соработка што ќе се потпишуваат од страна на ресорни Министри за транспорт, односно енергетика и економија, потоа потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Министерството за транспорт, ИКТ и комуникации на Р. Бугарија и Министерството за транспорт и врски на Р. Македонија, за развојот на железничката инфраструктура и поврзаност помеѓу земјите, како и потпишување на Меморандум за соработка во областа на природен гас помеѓу Р. Бугарија и Р. Македонија.
Агендата на официјалната посета на делегација на Владата на Република Бугарија, на Република Македонија, продолжува во 13 часот и 50 минути со изјави за медиумите од страна на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и претседателот на Владата на Република Бугарија Бојко Борисов, во Свечената сала на Владата на Република Македонија.
Програмата на посетата на владината делегација на Република Бугарија продолжува со работни билатерални средби на одделни министри на двете делегации.
Во попладевните часови домаќини на високата државна делегација на Република Бугарија ќе бидат Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери и Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
Програмата на официјалната посета на Претседателот на Владата на Република Бугарија на Република Македонија продолжува наредниот ден (среда, 2 август) со заедничко чествување по повод националниот празник Илинден во црквата Свети Спас во Скопје.
OhridNews