Премиерот Никола Груевски, по повод големиот христијански празник Божик упати честитка до Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите верници во Македонија и дијаспората.

„Божиќ е празник на кој треба да се присетиме дека Бог се роди за нас луѓето, за никогаш да не останеме сами. За нашите страданија да ги пребродиме, невољите да ги разрешиме, жалостите да ги надминеме, радостите да ги удвоиме, и секогаш да создаваме дела и вредности кои ќе бидат од корист за народот. Чувајќи го Бог во себе, на сами себе си даваме смирение, шириме љубов, толеранција и трпение, еден со друг се почитуваме и меѓусебно се разбираме. Тоа се вредности кои треба да ги негуваме и шириме, како во нашите семејства, така и во нашата заедница, во нашето општество, во нашата Македонија. Само на тој начин ќе излеземе во пресрет на сите искушенија кои ни ги носи животот, денешницата и овоземното постоење“, се вели во честитката.

Честитки до православните верници по повод Божик, со желби за многу здравје и радост ,упати и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

„Божик повеќе од било кој друг христијански празник ги собира семејствата заедно на една трпеза и претставува празник кој го слави семејството, животот и вербата во Бога. Денес, посебно ми е драго што покрај традиционалното обраќање до членовите на Македонската православна заедница, имам можност да им се обратам и на православните Албанци во Република Македонија со честитка за овој голем празник. Верските празници секогаш не обединувале при што ни овозможуваат да ги истакнеме најдобрите човечки вредности кај сите нас.

Почитувани пријатели, Божик нека ни донесе поголема толеранција и меѓусебно почитување и разбирање, но и повеќе спокој и благодет за нашата земја“, вели Ахмети во божикната честитка.

OhridNews