Нов инвестициски циклус во компанијата „Костал“ во 2026 година од над 30 милиони евра и отворање на нови 200 работни места, беше најавен денес на средбата на премиерот Христијан Мицкоски со извршниот директор на „Костал Аутомотив“ Каи Кникман и директорот на „Костал“ Македонија, Виктор Мизо.

Премиерот Мицкоски изрази задоволство, што „Костал“ верува во Охрид и во Македонија, и продолжува да го зголемува своето производно портфолио.

Сепак, станува збор за компанија којашто генерално е семеен бизнис со голема традиција. Моментално ако ја анализираме нивната состојба во 2024 година, доаѓаме до обрт од околу 3,5 милијарди евра што е значајна работа. Нивните цели овде во Македонија се импресивни, да обезбедиме нови 200 работни места, да дојдеме до обрт којшто би бил поголем од 300 милиони евра и ние како Влада апсолутно сме тука да помогнеме во реализирањето на овие цели, бидејќи тоа за нас како држава значи многу, рече Мицкоски.

Извршниот директор на „Костал Аутомотив“ Каи Кникман посочи дека после 9 години континуиран успех, „Костал“ ќе ја започне следната фаза на својата експанзија.

Во моментов предвидуваме зголемување на приходите од 60% споредбено со последната година и тоа ни дава можност да продолжиме да инвестираме во нашиот македонски  објект. Почнуваме во 2026 година нов инвестициски циклус од над 30 милиони евра, нови 200 работни места, досега имаме 12 илјади вработени, и раст од 20% на приходите споредбено со оваа година, додаде Кникман.

Продолжуваме понатаму како „Костал“ со планот на инвестиции и развој овде на нашата локација во Охрид, рече генералниот директор на „Костал“ Македонија, Виктор Мизо.

Иако европскиот пазар и автомобилската индустрија во моментов се во стагнација, сепак, ние одлучивме со дополнителни инвестиции од над 30 милиони евра идната година, со нови клиенти, да го шириме портфолиото како на клиенти, така и на производи. Сметаме дека она што беше план во изминатите години, некаде до 2027 година ќе успееме да го реализираме и да имаме извоз и обрт поголем од 300 милиони евра. Со тоа ќе бидеме позиционирани како една од трите најголеми фабрики-извозници во македонската индустрија, но истовремено тоа значи квалитетни, нови работни места во овие 200 плус вработени. Тука ќе има нормално и работници кои ќе работат во производство, но и технички лица кои ќе работат како инженери, но и луѓе во административни дејности, сето тоа што е поврзано со финансии, со логистика, со квалитет. Од таа страна навистина очекуваме овој развој да биде позитивна вест не само за Охридско-струшкиот регион, туку и за целата држава, додаде Мизо.

Воедно потенцираше дека како Совет за странски инвеститори подолго време биле во разговори со Владата потсетувајќи дека од 1 јули оваа година има намалување на одреден број на тарифни стапки и усогласување на ниваната вредност со Европска Унија од 50%. Најави дека ќе има дополнително усогласување и целосна хармонизација од 1 јануари следната година.

Морам да ја поздравам респонсивноста на Владата и премиерот. За време на нашиот разговор денес кажавме дека има специфични нови тарифни броеви бидејќи секогаш во нашите производствени процеси може да добиете нови компоненти кои треба да бидат вклучени во сето тоа, и тие компоненти доаѓаат исклучиво од Азија и Кина. Во нашиот случај, не само за „Костал“ туку и за многу други компании, многу брзо се излегува во пресрет и се адаптираат оние работи кои се неопходни за зголемување на конкуретноста и компетитивноста на компаниите. Тоа ќе придонесе за дополнителни можности за инвестирање и развој на нашата активност тука во државата, додаде Мизо.

Н.С.Ј.
фото. А. Момироска