Новите снежни врнежи предизвик за голем број љубители на планината и зимските спортови да поминат дел од своето време на Галичица. Но, на што треба да се внимава во овие зимски услови. Антонио Додевски раководител на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, вели дека граѓаните кои сакаат со возила да се движат накај Галичица треба да ги почитуваат строго сообраќајните правила и прописи.
Знаеме дека патот на Галичица е затворен за сообраќај, а од охридска страна дозволен е во должина од девет километри до месноста Корита, додека од преспанска страна е целосно затворен. Превојот е со нежни наноси уште од претходните врнежи од снег, вели Додевски.
Снежната покривка сега е значително зголемена. Затоа потребно е во возилата да се поседува соодветна зимска опрема. Дури и неколку дена после интензивни врнежи од снег не би препорачал да се движат накај Галичица, но сепак поупорните мора да се придржуваат до прописите, вели Додевски.
Оние, пак, вели кои сакаат да уживаат на снегот и да се движат пешки, да уживаат во планина, секако треба да понесат соодветна опрема, да бидат подготвени за условите и теренот со кој што треба да се соочат.
Особено овие денови треба да бидат внимателни поради најавата од ниски температури и силен ветар на планините. Сите оние кои не се подготвени за вакви услови да ги одложат своите патувања. Навистина се очекува овој викенд и следните неколку дена многу силен ветар со ниски температури, што дополнително го зголемува чувството на студ на телото, потенцира Додевски.
Препорачува да се следи метео прогнозата, а сите кои ќе одберат сепак да уживаат во снегот да бидат подготвени и со соодветна опрема, но и да изберат тура за која навистина се подготвени, без да се екпериментира посебно во вакви зимски услови на Галичица.
Н.С.Ј.













