Со оглед на релативно ниската температура на езерската вода кај Градското пристаниште и минусните температури на воздухот, Црвениот крст повикува на исклучително високо внимание и претпазливост на капачите кои денеска ќе скокаат по Светиот Крст во водите на Охридското Езеро.

-Препорачуваме капачите да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем, а доколку влегуваат во вода, во неа треба да се задржуваат многу кратко и не подолго од 5 минути. Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности. Се препорачува да не конзумираат алкохол пред влегување во вода бидејќи алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот. Исто така капачите пожелно е да носат обувки, велат од Црвениот крст.

Инаку според најавите, за безбедноста на капачите, денеска ќе се грижат вкупно 8 тимови на спасители на вода од охридскиот Црвен крст, распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци како и 4 нуркачки тимови. Спасувачките екипи ќе бидат засилени и со 8 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со 2 медицински тима на Итната медицинска помош со две амбулантски возила.

OhridNews