По традиција и годинава, пресот за отварањето на фестивалот  “ Охридско лето” се одржа во Скопје. Пред скопските новинари беа презентирани поединостите околу содржината на програмата на јубилејното, 50- то издание на оваа манифестација.

Економските можности и самиот буџет покажуваат дека станува збор за скромност, па се приспособивме на големата светска криза за да направиме програма што ќе е соодветна на овој јубилеј, рече Васил Зороски, В. Д. Директор на фестивалот.

Како што е познато, Фестивалот ќе биде отворен во Античкиот театар со Рускиот национален оркестар, на кој солист ќе биде Симон Трпчески, а под диригентска палка на Михаил Плетњов од Русија.



Според претседателот на Управниот одбор, Зоран Велјаноски, програмата е соодветна за јубилејот. – Управниот одбор ја усвои програмата и смета дека таа е достојна за педесеттиот јубилеј на фестивалот. Сето тоа е во рамките на годинашниот буџет, односно во рамки на средствата со кои располага фестивалот – рече Велјаноски.

Најмногу учесници од странство ќе има во музичкиот дел од програмата. Ќе настапат музички уметници од Русија, Словенија, Египет, Австрија, Франција. – Јубилејот не обврза ова фестивалско издание да протече во знакот на ретроспективата. Се надевам дека преку фестивалот, Охрид и годинава ќе биде духовен центар – рече Јосифова-Неделковска, музичкиот селектор на Охридско лето.

Во театарскиот дел, годинава, ќе има само една премиера, а тоа е претставата „Хамлет“ на Драмскиот театар, а во режија на Дејан Пројковски. Таа ќе биде изведена на 16 јули во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Драмската програма ја нарековме Театарски реминисценции. Секоја претстава што доаѓа на ова издание ќе биде некако поврзана со тоа што се случувало досега, со режисерски имиња, актерски имиња, претстави и продукции што на некој начин придонеле Охридско лето да биде голем фестивал – рече Ѓорѓи Јолевски, драмскиот селектор на фестивалот.

Охридско лето годинава ќе понуди 25 концерти, 13 театарски претстави, една балетска претстава и еден оперски гала-концерт. Локации на изведби ќе бидат Античкиот театар, црквата „Св. Софија“, Долни Сарај, „Св. Јован Канео“ и Центарот за култура „Глигор Прличев“. До крајот на фестивалот публиката ќе може да проследи настапи на солисти и дуо-состави и 10 концерти на оркестри и камерни состави.

Ohridnews