Судот, според востановената пракса ги информира двете страни во спорот оти донел конечна одлука, две недели пред нејзиното објавување.
Македонија, како што истакнаа нејзините правни застапници за време на процесот во Хаг, бара од Судот да и наложи на Грција да ги почитува своите обврски предвидени со Привремената спогодба и да не го блокира македонското членство во меѓународни организации.
Атина пак, ја базираше одбраната на тоа дека на Самитот во Букурешт немало вето, туку консензус меѓу земјите-членки, приемот на Македонија во НАТО да се одложи до решавањето на спорот за името. Грчката страна, исто така побара Судот да се прогласи за ненадлежен за решавање на овој случај.
Пресудите што ги носи Меѓународниот суд на правдата во Хаг се конечни и правно обврзувачки, а за нивното спроведување и почитување надлежен е Советот за безбедност на ОН.