Пресудата во судскиот процес за најголемата бродска несреќа во историјата на Македонија, во која животот го загубија петнаесет туристи од Бугарија, ќе биде објавена во вторник, 5-ти јули, во 9 часот, соопшти судијката Милка Танеска, претседател на Судскиот совет што го води случајот за потонувањето на бродот „Илинден“.

На завршното рочиште пред судот завршни зборови имаа јавниот обвинител, правните застапници на преживеаните бугарски туристи и на оштетените семејства на загинатите во несреќата, како и бранителите на прво обвинетиот Сотир Филески, капетан на бродот „Илинден“ и на второ обвинетиот Бранко Баиќ, овластен претставник на германски „Лојд“, кому му се суди во отсуство.

Во завршниот збор Јавниот обвинител истакна дека од доказната постапка е утврдено дека обвинетите, капетанот Сотир Филески и овластениот застапник на германски „Лојд“ Бранко Баиќ се одговорни за делото за кое се товарат, „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и побара да им се изрече казна согласно законот.

Претставниците на оштетените очекуваат судот да ги упати оштетните побарувања да ги бараат во граѓанска постапка, во која, како што кажаа, ќе бараат да се утврди одговорноста на државните институции, кои според нив во голема мера придонеле да се случи несреќата. Тие побараа судот при носење на пресудата да го земе предвид хуманото однесување на капетанот Филески и да му изрече алтернативна, а не ефективна законска мерка. Како што беше кажано во  завршните зборови,  според преживеаните патници капетанот  на бродот „Илинден“ сторил се што е во негова можност за да спаси што поголем број патници во критичниот момент, при што го жртвувал и сопствениот живот.

На завршното рочиште одбраната на капетанот Сотир Филески побара судот при донесувањето на пресудата да не се води од сентименталниот момент односно бројот на жртвите во несреќата, туку акцентот да се стави на законските одредби предвидени за вакви случаи, според кои капетанот на бродот нема одговорност за настанатата несреќа, бидејќи согласно издадените сертификати, техничките прегледи и документцијата за пловидба, бродот „Илинден“ бил исправен и немало никакви ограничувања на бројот и распоредот на патниците во пловниот објект. Одбраната, исто така, истакна дека одговорност за несреќата имаат и надлежните државни институции кои се задолжени за безбедност на водниот сообраќај.

Одбраната на второ обвинетиот, Бранко Баиќ, истакна дека судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“, наликува на недовршена приказна, бидејќи и покрај изведените 90-на докази, сеуште не се потврдени наводите во обвинението. Уште повеќе одбраната на Баиќ упатува забелешка до судскиот совет што не побарал вештачење од специјализирана агенција за бродски несреќи, какви што постајат во соседните држави, но не и во Македонија. Одбраната на второ обвинетиот запраша зошто тој се товари со обвинението кога во својот извештај по извршениот технички преглед востановил забрана за користење на горните палуби за превоз на патници. Таа посочи дека бродот „Илинден“ кога се вршел техичкиот преглед бил исправен и дека обврска на Капетанијата била да го контролира во пловидбата, поради што бранителите побараа Баиќ да биде ослободен од обвинението.

Пред судот се обрати прво обвинетиот Сотир Филески, кој уште еднаш искажа длабоко жалење за трагедијата и сочувство кон семејствата на загинатите бугарски туристи и рече дека не се чувствува за виновен.

Бродот Илинден потона на 5 септември 2009 година во близина на авто-кампот Елешец, при што загинаа 15 туристи од Бугарија.

OhridNews