Пелистер забележа значајна победа на гостувањето кај Охрид Лоте со убедливи 3-1 (1-1) и се зацврсти во врвот на второлигашката табела.  “Чкембарите“ до тримфот ги предводеше искусниот тандем Димитровски – Талевски за кој охриѓани немаа решение.


Мечот лесно можеше да добие друг тек, долку Толески во третата минута успееше да ја реализира најстрогата казна. Капитенот на “градежниците“ беше соборен во казнетиот простор, а судијата Мантев без размислување оправдано покажа на белата точка. Најдобриот стрелец во охридскиот тим биеше во левиот долен агол, но неговата намера ја прочита Гоновски кој го одбрани ударот.

На средина на првиот дел, пораншениот репрезентативец Димитровски одлично реагираше на центаршутот на Талевски и го матираше Капрически.  Водството на гостите траеше кратко, неколку минути подоцна она што не му успеа од пенал, Толески го поправи со гол од слободен удар.

Охриѓани одолеваа на нападите на “зелено-белите“ се до 62 минута кога акцијата на Коњаровски и Миленковски со погодок ја круниса Талевски за нова предност. Крај на сите надежи на охриѓани дека ќе стигнат до реми, стави играчот на мечот Талевски со вториот погодок, кој “падна“ по лошата интервенција на Капрически.

Фудбалерите на Пелистер, победата ја прославија со педесетината “чкембари“ кои од Битола  дојдоа да го бодрат својот тим.

Ohridnews