Специјалното јавно обвинителство побара од судот затвор за поранешниот началник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, а за службеничките во УБК алтернативни мерки. Обвинителката Ленче Ристоска рече дека, конечно, по една година, дошло крај на постапката со прислушувањето. Македонија, како што рече таа, стана број еден во светот. „Бевме изненадени кога во 2016 откривме дека се уништени системите за следење на комуникациите. Мотивот на ништењето на документацијата е да се спречи откривањето на лицата што наредиле уништување на системите и да се отежне истрагата. Грујевски, иако немал овластување, формирал комисија за ништење на документацијата. Службеничките во УБК морале да му ја одбијат наредбата оти е незаконска, рече Ристоска.

Службеничките извршиле увид во документацијата и противзаконски направиле пописна листа. Нема ниту опис на тоа што се ништи ниту образложение за која цел е потребно ништењето. Документацијата се ништи во исто време кога се уништуваат и системите за следење на комуникациите. Државниот архив не дал согласност на УБК за ништење на документите.

УБК е внесена во листата на институции за чување документација во УБК дури во 2016, а документите се уништени во 2015. „За Грујевски бараме најстрога затворска казна бидејќи кривичното дело го извршил на најдрзок начин, со злоупотреба на моќта и авторитетот. Дополнително, тој побегна за да избегне одговорност“. Олеснителната околност дека е татко на две деца, а е во бегство, според СЈО, покажува негрижа за семесјтвото, т.е. ги оставил на цедило.

СЈО побара алтернативни мерки за 6-те службенички на УБК. Ниедна не се покаја за стореното дело, СЈО побара тоа да се цени како отежителна околност. Службеничките рекоа дека немале можност да избираат, дека постапиле по наредба на претпоставениот, а не со умисла. Некои од нив рекоа дека платата од УБК им е единствен приход. СЈО за една од обвинетите службенички побара да се цени нејзиниот придонес за расветлување на случајот.

За одбраната нема кривично дело. Велат дека СЈО нема мандат да гони дела сторени во 2015, а мандатот на СЈО е за дела до 2015 година. „Ова е проширување на надлежноста на СЈО и доведува до правна конфузија“, рече Петар Василев, кој потенцира дека СЈО е ненадлежно. Адвокатите на Грујевски и службеничките повеќе од еден час во завршните зборови се обидуваа да ги одбранат нивните клиенти.

Пресудата ќе биде соопштена во среда на 8 ноември.

OhridNews
Макфакс