Настапите на Кенеди се непосредни и полни со изненадувања за публиката со која тој сaка да комуницира. Вели дека тоа е негов стил затоа што, како што истакна, музиката не им припаѓа само на тие кои ја изведуваат.
-Понекогаш нема доволно контакт помеѓу изведувачот и публиката кога се свири класична музика, затоа јас се трудам да направам одреден спој. Многу луѓе не ја работаат работата која што ја сакаат, а ние музичарите сме среќни луѓе затоа што го правиме тоа што го сакаме. Важно е уметниците да сфатат дека тие два – три часа на концертите се можеби единственото време за одмор на тие што дошле да ги гледаат, истакна Кенеди.
Ексклузивниот гостин на „Охридско лето“ на вечерашниот концерт во првиот дел ќе изведе класични дела од Бах, а во вториот дел заедно со бендот кој има уште три члена ќе изведе дела на американскиот џез музичар Фатс Волер.
-Бах е генијалец. Неговите дела за виолина звучат како цел оркестар. Делата на Волер се фсцинантни исто така и двајцата имаат создадено прекрасна музика. Нашиот настап вечерва ќе биде амбиентален и многу интимен, најави Кенеди.
Големата музичка ѕвезда со пиетет зборуваше за неговите учители Јехуди Мењухин и Стефан Грапели, појаснувајќи дека програмата на денешниот концерт практично ќе биде презентација на она што го научил од нив. На Балканот Кенеди претходно настапил во Белград, а во Македонија гостува прв пат.
– Тука сум прв пат, но познавам дел од музиката од ова поднебје, некои прекрасни песни што се пренесувале низ генерациите, така што нешто од тоа можеби ќе биде вметнеме на вечерашниот концерт, рече Кенеди.
Големиот музички виртуоз средбата со новинарите се појави со дрес од неговиот омилен фудбалски клуб, премиерлигашот „Астон Вила“ од Бирмингем. Иако многу го сака фудбалот, искажа разочарување од неговата преголема комерцијализација, која според него ја уништува играта која како што посочи, доколку сега би бил дете, сигурно нема да ја засака.
Најџел Кенеди во предворјето на Света Софија ќе свири на вредната виолина изработена од познатиот мајстор Џузепе Гварнери од Кремона, која датира од далечната 1736 година.
Кенеди живее во Лондон и Краков, а зад себе има исклучително успешна 25-годишна кариера во која настапувал со најдобрите светски оркестри и диригенти, како и на бројни соло, јавни и приватни концерти. Неговата студиска изведба на „Четирите годишни времиња“ од Вивалди е внесена во Гинисовата книга на рекорди со продадени над два милиони примероци.