Нема подобра инвестиција од онаа во знаењето, им порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“ каде присуствуваше на свечениот прием заедно со градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и пратеникот во Собранието на Република Македонија, Сашо Донев.

Знаењето ќе ви помогне да бидете посамостојни и да имате поголемо разбирање за светот околу себе. Колку повеќе ќе знаете, толку повеќе ќе разбирате, толку ќе бидете потолерантни и посамостојни. Затоа инвестирајте во себе. Учете. Нема подобар пријател од книгата. Да се натпреварувате не само за оценки, туку пред сè, за знаење и успех, да бидете љубопитни и критични. Бегајте од насилството. Бидете другари со наставниците и развивајте другарство со учениците, рече во обраќањето Сиљановска-Давкова.

Драги првачиња, пред вас е едно ново и убаво поглавје исполнето со нови знаења, другарства и незаборавни училишни спомени. Бидете љубопитни, вредни, насмеани и верувајте во себе. На сите ученици од нашата општина им посакувам успешна, исполнета и среќна учебна година, со многу знаење, успеси и убави моменти. На родителите им посакувам трпение и радост во следењето на секој чекор и секој успех на нивните деца, а на наставниците им благодарам за нивната посветеност и одговорност.
Општина Охрид, додаде, и во иднина ќе продолжи да вложува во образованието и во создавањето подобри услови за сите ученици.

Н.С.Ј.












