Честитки од Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов и претседателот на владата, Никола Груевски до МПЦ и верниците по повод големиот верски празник, Успение на Пресвета Богородица.

– Ви посакувам празникот кој го слави денот на радосното преселување на Божјата мајка на небото, да го поминете во спокој и хармонија, опкружени од своите најблиски и исполнети со радост.Нашиот народ со големо возљубение и почит, отсекогаш ја имал Богородица како своја заштитница, молитвеница и закрилница на сите христијани. Овој голем ден е уште една прилика да ги потврдиме во себе начелата кои го водат нашиот живот и примерите на добро на кои нè упати Пресвета Богородица. Да живееме сакајќи ги нашите најблиски и градејќи почит кон своите родители, и разбирање и љубов кон своите деца, се наведува во честитката на претседателот Иванов.

Прославувајќи го големиот празник Успение на Пресвета Богородица, да си споменеме за нејзиниот живот и за нејзината големина, вели во својата честитка премиерот Груевски.

– Преку нејзиниот пример, да се потсетиме на мајчинството и на улогата на секоја жена во нашите семејства, на сета нивна безусловна љубов, трпеливост и жртва за своите чеда, за своите рожби и за својот дом. Да ги почитуваме, вреднуваме и сакаме. Да се помолиме на Богородица за милост и благодат, а Бог да ни дарува благослов, многу здравје и многу рожби во секој дом и во секое христијанско семејство, наведува Груевски во честитката.

OhridNews