Европското движење на Босна и Херцеговина синоќа во Сараево му врачи орден на претседателот Ѓорге Иванов за посебни заслуги во процесот на помирување на народите во регионот, за економска соработка меѓу Македонија и БиХ и за значајната поддршка на Сараево на патот за влез во ЕУ.

Заблагодарувајќи се за искажаната честа шефот на државата рече дека оваа награда ја смета како награда за Република Македонија, за сето она што го прави за европската идеја да стане европска реалност.

– На нашиот регион му треба Европа, но и на Европа и треба Балканот бидејќи ЕУ без Балканот се уште не е Европа. На Балканот му е потребна европската идеја затоа што, како што вели Жан Моне – Ја градиме Европа, го градиме мирот. Токму тој мир му треба на нашиот регион, бидејќи токму тој мир носи просперитет, носи и развој, истакна Иванов.

Нам, додаде тој, ни е потребен дијалог бидејќи преку дијалог можеме да дојдеме до сите решенија.

– Преку дијалогот да го градиме мирот, затоа што мирот нема цена. За нас на Балканот, Европа значи пред се мир и нешто што ни доаѓа од иднината. Посакувам на сите граѓани на БиХ европска иднина, изјави претседателот.

Европското движење на БиХ од 2010 година го доделува орденот за највиски заслуги за процесот на евроинтеграции на БиХ. Оваа година добитници на ова високо признание за економска соработка, за процесот за помирување на народите и поддршка на евроинтеграцијата се претседателот Иванов, Тони Мегле и Данило Тирк.

Во рамки на дводневната официјална посета на БиХ, претседателот Иванов денеска во Бања Лука ќе се сретне со претставници на Здружението на иселениците од Македонија. Тој ќе има средба со претседателот на Република Српска Милорад Додик и со претседателот на Народното собрание на РС Игор Радојичиќ.

OhridNews
МИА