Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.

„Дозволете ми од сè срце да Ви го честитам најсветлиот христијански празник, Раѓањето Христово – Божик, и да Ви посакам овие празнични денови да ги поминете во љубов, надеж, верба и радост.

Празнувањето на Божик за милиони Христијани во светот претставува отворање на нова надеж, за новата година и иднината. Овој голем празник на мирот, дарувањето и помагањето, нè учи да живееме во заедништво, да ги следиме моралните закони во нас и да делуваме во согласност со начелата на вистината и хуманизмот.

Божик е време за мир во мислите и душата и за добри дела. Време кога уште еднаш ги потврдуваме нашите искрени заложби за негување и почитување на верските различности и религиозните посебности како врвна вредност на нашето општество.

И овој Божик, нека светлината и топлината ги исполнат нашите домови, нека ни донесат лична и семејна среќа, верба во себе и другите, и креативна енергија да придонесеме за севкупниот напредок на нашата земја.“ – се вели во Божикната честитка на претседателот Иванов.

OhridNews