Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Свети Климент Охридски.

Одбележувајќи го делото на првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа го прославуваме денот на Свети Климент Охридски творецот на кириличното писмо и основоположникот на македонската писменост. Овој голем светител, целиот свој живот го посветил на просветителската дејност, ширењето на христијанската вера и описменувањето. Овој е голем ден бидејќи Свети Климент е закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја. Затоа неговото име го носат многу цркви, институции и училишта како директен наследник на неговата благородна мисија.

Ваше Блаженство,

Честитајќи Ви го големиот празник сакам да ја искажам мојата цврста увереност дека и во иднина Македонската православна црква ќе продолжи да ја негува свеста за значењето на големиот македонски просветител.

Повторувајќи ги моите искрени желби до Вас и до сите верници од православна вероисповед, Ви посакувам благословени и среќни празнични денови.

Нека ни е за многу години големиот државен празник! – се вели во честитката на претседателот  Ѓорге Иванов.

OhridNews