Со укинувањето на измените на Законот за помилување од 2009 година, Уставниот суд му отвори можност на претседателот на државата да помилува не само осудени лица на затворска казна, туку и осомничени лица, пренесува „Макфакс“.
Уставниот суд на денешната седница, којашто беше затворена за јавноста, со мнозинство гласови „за“ ги укина овие измени, а на брифингот со новинарите што се одржа во Судот по седницата, генералниот секретар на Судот образложи дека со оваа одлука претседателот може да отфрли и кривична пријава, да запре истражна постапка односно ослободување од кривично гонење.
Претседателот ќе може да помилува лица за кривични дела против изборите и гласањето, кривичните дела против половата слобода и половиот морал, кривични дела против здравјето на луѓето, кривичните дела неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанции и наркотични дроги и употреба на дроги и кривични дела против човечноста и меѓународното право.
При донесувањето на одлуката судиите ги имале предвид дефинирањето на помилувањето во Кривичниот законик, законот за кривична постапка и Законот за помилување.
„Законодавецот не може да му ги шири или ограничува овластувањата за помилување на претседателот. Овој оспорен закон предвидува ограничување на претседателот при давањето на помилување така што за лицата осудени за кривичните дела утврдени со измените на законот да не може да даде помилување“, велат од Судот.
Кои лица ќе бидат помилувани ќе се одлучува индивидуално и доколку едно лице е помилувано за некое кривично дело не значи автоматски дека сите лица кои се осудени за тоа кривично дело ќе бидат помилувани.
Со укинувањето на Законот се укинува и Комисијата за помилување. Од Уставен велат дека Собранието ќе треба да го уреди ова прашање со друг закон.
Судот не им дозволи на сите новинари да присуствуваат на брифингот
Обезбедувањето во Уставниот суд на новинарката на Макфакс не ѝ дозволи да присуствува на брифингот бидејќи задоцнила, а за ова се повикаа на одлука на генералниот секретар на Уставниот суд, Оливера Филиповска која ги води брифинзите во Судот.
Во телефонски разговор, Филиповскани рече дека таа не донела таква одлука и дека тоа најверојатно било процена на обезбедувањето заради безбедноста на Судот.
Седницата на Уставниот суд беше затворена за јавноста, а од Судот велат дека одлуката не била донесена со мнозинство од судиите, туку така одлучила претседателката на Уставниот суд, Елена Гошевска.
Контрапротестантите кои утрово го бранеа Уставниот суд си заминале откако Судот ја донесе одлуката, а шаторите каде престојуваа се празни.
OhridNews
извор:„Макфакс“