Претседателот на Република Бугарија Румен Радев престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија. Негов донаќин ќе биде претседателот на државата Ѓорге Иванов.

Бугарскиот претседател во Македонија пристигнува во придружба на двајца митрополити, кои ќе бидат дел од неговата делегација. Како што е познато Македонската православна црква – Охридска архиепископија побара БПЦ да и стане Црква-мајка. Со Радев во земјава доаѓаат пловдивскиот митрополит Николај и старозагорскиот митрополит Кипријан. 

Радев во интервју за бугарската агенција БГНЕС, дадено во пресрет на посетата на Македонија, како што објави МИА, истакна дека позиција што ја зазело македонското раководство била пресврната точка.

– Таа и даде шанса за новата перспектива, кон која ние во Бугарија отсекогаш сме биле отворени. Треба да направиме се луѓето од двете страни на границата, и од Бугарија и од Македонија, навистина да се чувствуваат како браќа, рече Радев.

Изрази очекување иднина на односите меѓу двете земји да се развиваат многу подинамично во сите области од взаемен интерес, по стапувањето во сила на Договорот за добрососедство.

Официјалната церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести ќе биде претпладнебво на платото пред Кабинетот на Претседателот на Република Македонија „Вила Водно“, по што ќе се одржи тет-а-тет средба на претседателите Иванов и Радев.

Во 12:30 часот ќе се одржи пленарен состанок на делегациите на Република Македонија и на Република Бугарија, по што е предвидена заедничка прес конференција на Иванов и Радев.

За утре планирана е  средба на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и претседателот на Република Бугарија,  Румен Радев, со претставници на стопанските комори од Република Македонија и од Република Бугарија.

OhridNews