Претседателските избори во САД се одржуваат утре, а според најновите анкети, актуелниот претседател Барак Обама за нијанса е поблизу до победа од републиканецот Мит Ромни, пренесува „МИА“.
Американскиот претседател не се бира со непосреден избор туку со електорски гласови од сојузни држави, и новиот станар на Белата куќа ќе биде оној кандидат кој ќе освои 270 електорски гласови од вкупно 538 колку што има на ниво на цела држава.
Во најскапата кампања во историјата на претседателските избори во САД, двајцата кандидати досега потрошија повеќе од две милијарди долари.
Кампањата ќе трае до вторник наутро и отворањето на избирачките места бидејќи во САД не постои изборна тишина.
Иако Омана на национално ниво води со еден процент предност во однос на Ромни (47 спрема 46 отсто) одлуката ќе биде донесена во десетина држава во кои предноста за едниот или другиот кандидат е мерлива во промили или во пар проценти.
Американскиот претседател Барак Обама има многу полесен пат на утрешните избори во однос на републиканецот Мит Ромни и поблизу е до добивање 270 неопходни електорски гласови, се вели во резултати од анкети и истражувања.
Шефот на политичкото одделение на Си-Би-Ес Њуз, Џон Дикерсон во утринска програма на тој медиум укажа дека анкетите „даваат“ засега 237 електорски гласови за Обама и 191 за Ромни.
– Ако Ромни ја добие Флорида, (29 електорски гласови), Охајо (18), Северна Каролина (15) и Вирџинија (13), ќе му биде потребна уште една држава, додаде Дикерсон. Во штабот на Обама со оптимизам очекуваат резултати од Флорида бидејќи според информации од раното гласање, актуелниот претседател „добро се држи“.
Во случај да победи во Флорида, на Обама ќе му биде потребна уште една „свинг“ (неодлучна) држава за нов мандат во Белата куќа.
Истражувањето на центарот за политика во Универзитетот во Вирџинија, покажува дека Обама ќе победи со 290 спрема 248 во електорските гласови.
– Со мала неочекувана помош од мајката природа и ураганот Сенди, Обама е поблизу за втор мандат. Нашата проценка е дека ќе победи и во „свинг“ државите – Колорадо, Ајова, Невада, Њу Хемпшир, Охајо и Висконсин, се вели во соопштение од Универзитетот.
Најновото истражување на Ипсос и Ројтерс предвидува победа на Обама со 294 електорски гласови.
Најважната „свинг“ држава е веројатно Охајо која дава 18 електорски гласови, а традицијата укажува дека ниту еден републиканец никогаш не победил на избори ако не однел победа во Охајо.
Обама сега води за еден процент во таа држава на средниот запад, меѓу избирачите кои најавиле излегување на избори. Во случај таков резултат да биде и на денот на изборите, шансите на Ромни би биле значајно намалени.
Актуелниот претседател доби поддршка од голем дел од Охајо, но Ромни не се предава, сметајќи на гласовите на протестантите и белите бирачи од помалите урбаниза едници. Кандиатот на републиканците гледа своја шанса на Флорида (29 електорски гласови), уште една од државите во кои кандидатите се изедначени во анкетите (по 47 отсто).
Обама смета на гласови на хиспанската популација која е најголем дел од галсачите во Флорида додека Ромни се надева дека еврејската заедница на југ во таа држава може да се „сврти“ кон него поради незадоволството од политиката на американската администрација во израелско-иранскиот судир, јавуваат американски медиуми.
Две важни држави се и Вирџинија и Колорадо каде во првата води Обама за три отсто, а во другата ромни за два отсто.
Сепак дел од аналитичари сметаат дека можен е пресврт на денот на изборите.
Како можно изненадување може да се појави Пенсилванија, (20 електорски гласови) – иако Обама имаше до пред две недели имаше солидна предност, таа засега е намалена на пар проценти.
Двата изборни тима ангажираа тимови адвокати доколку се повтори ситуацијата од 2000 година когаз а неколку стотини гласови на Флорида победи Џорџ Буш. Тогаш гласовите за него мораа рачно да се пребројуваат, што ни сега не се исклучува поради големиот број држави во кои победникот може да биде одреден со неколку стотици гласови.
Гласачките места се затвораат во вторник навечер, но проценките се дека може пребројувањето да потрае длабоко во ноќта додека не се дознае кој од 20 јануари идната година ќе положи заклетва како претседател на САД.
Според букмејкерите кои за првпат во историјата во 2008 година исплаќаа ден пред изборите за победа на Обама, тој е фаворит со 83 отсто шанси за победа, додека Ромни има шанси од 22 отсто шанси за победа.
извор:„МИА“