Приватните станоиздавачи и хотелите од Охрид не можат да се пофалат со голем број на гости во претсезоната, бидејќи сеуште немаат креирано стратегија и понуда со пакет аранжмани и акциски цени за да привлечат поголем број на гости во овој период од годината.
Дел од туристите кои имаат желба и слободно време да дојдат во Охрид во месецот јуни, најчесто се откажуваат од својата намера, откако ќе се информираат за цените на хотелските аранжмани и во приватното сместување.
–Со сопругот сакавме да дојдеме во Охрид на почетокот од месец јуни. Бев заинтересирана за хотелско или апартманско сместување, но откако ги разгледав понудите на интернет, видов дека цените не се воопшто евтини и дека за јунски одмор во Охрид ќе треба да платиш како за одмор во сезона, на море. Бев изненадена како ваков туристички центар како што е Охрид не ги следи светските туристички трендови, според кои цените надвор од месеците јули и август се многу поевтини, вели Весна Јовановиќ од Србија.
Таа објаснува дека со парите кои се потребни за јунски викенд престој во Охрид, можеш да се обезбеди јунско сместување од седум до десет дена на море во Грција, Албанија или Црна Гора.
-Цените што ги видов можеби одговараат за периодот на јули и август, но за месецот јуни сметам дека треба да има пониски цени, смета Јовановиќ.
Дека нашата соговорничка е во право, се уверивме кога направивме интернет преглед на понудите за хотелско сместување. Според она што е објавено на интернет страниците на охридските хотели, може да се види дека цените за едно ноќевање со појадок се движат од 28 до 80 евра по лице, во зависност од категоријата на хотелот, а речиси ниту еден хотел нема истакнато табеларен приказ за посебни цени во и вон сезона. Тоа значи дека за десетдневен хотелски престој во Охрид во претсезона треба да се плати најмалку 560 евра за двајца. Цените се многу повисоки доколку сместувањето е на база на полн пансион и во хотелски апартман.
За престој во приватното сместување цените се движат од 300 до 600 денари по кревет или од 1.200 до околу 4.000 денари за дневно изнајмување на апартман. Мал е бројот на соствениците, кои имаат креирано инвентивни пакети за сместување со попусти и акции.
-Хит понуда за месец јуни 2014 година до 8-ми јули 2014 година, за сместување во вила на самиот кеј на езерото за цени до 5 до 7, 5 евра по лице за ноќевање. За секои 4 дена следува еден ден гратис, а за ноќевање од 7 дена имате 3 дена гратис, стои во еден од огласите на интернет. Сличен ваков оглас за екстра јунски цени во моментов има и за сместување во населбата Свети Стефан.
Станоиздавачите сметаат дека пониски цени во сезона може да се понудат само преку заедничка одлука на сите станоиздавачи на ниво на општина.
-Доколку тоа се однесува на сите станоиздавачи, на пример доколку се направи акција за претсезонски цени во Охрид и тоа се објави преку реклама и преку медиуми, секако дека и јас би ги спуштил цените за да бидам конкурентен на пазарот, а вака самоиницијативно не би можело, вели сопственик на три туристички апартмани во Охрид.
Тој објаснува дека намалувањето на цените не би можело да биде многу големо поради големите трошоци.
–Ние треба да платиме иста цена на водата и струјата, која ќе ја потрошат туристите и во јуни и во јули и август. Тука е и трошокот за туристичка такса како и за одржување и чистење, па плус кабелска телевизија, интернет и слично. Верувајте имам правено пресметки и сметам дека не е исплатливо да издаваш просечно уреден стан за помалку од 20 евра за еден ден, додека за оние полуксузно уредените не се исплати да ги издаваш за помалку од 50 евра, вели нашиот соговорник.
За да ја стимулира наплатата на туристичка такса и да отвори можност за пониски цени за сместување, Охридската локална самоуправа од годинава ќе субвенционира дел од уплатената такса за привремен престој на домашните и странските туристи, за физички лица вршители на угостителска дејност од мал обем во општина Охрид. Висината на субвенцијата ќе изнесува 50% од уплатената такса за привремен престој по основ на вкупниот број на остварени ноќевања за периодот од 1-ви јануари до 30-ти јуни и од 1-ви јули до 31-ви декември.
Е.М