Со претставата Медеја во изведба на битолскиот Народен театар денес се затвара годинешното 51- во издание на фестивалот Охридско лето.

Тоа е најновата претстава на битолскиот театар, според текст на Еврипид и Хајнер Милер, а во режија на хрватскиот театарски режисер Нада Кокотовиќ.

Среќна сум што работам за прв пат во Македонија и тоа претстава со која ќе го затвориме фестивалот охридско лето. Хајнер Милер е еден од моите најомилени драмски писатели, и затоа веќе имам направено неколку претстави според негови текстови. Тоа е писател кој дава големи можности при подготвување на претставите, изјави режисерот Кокотовиќ.

Вечерашната претстава ќе биде изведена на просторот на Античкиот театар, но со една поразлична сценографија- актерите ќе играат на просторот наменет за публиката, која пак ќе има прилика претставата да ја проследи седејќи на сцената.

Бев на отварањето на 12 јули, и тогаш ми дојде идејата за тоа публиката да се наоѓа на сцена. Пред се, затоа што и не е потребно да присуствува голем број публика, затоа што Медеја е една интимна драма, а и гледалиштето е идеален простор за изведбата на актерите, рече Кокотовиќ.

Во претставата главната улога на медеја ја игра актерката Јулијана Мирчевска.

Од секогаш сум сонувала да ја играм улогата на Медеја. Ме фасцинира текстот на Милер, и работата со режисер како Кокотовиќ кој знае прецизно да те води низ претставата, изјави Мирчевска.

Во претставата Медеја се говори за односот на мажите и жените, љубовта и омразата, органското и разумското, новото и старото,бесот и резигнацијата. Медеја говори за светот во којшто живееме, за светот за кој или против кого треба да се бориме.

Претставата почнува во 21 часот на Античкиот театар.

Т. К.