Австралиско – македонскиот театар од Сиднеј  денеска во Центарот за култура во Охрид  со почеток во 20 часот, ќе ја изведе претставата “Мр. Балкан”.

Како што велат актерите, станува збор за драмска претстава со траги- комична содржина, обработувајќи го животот на децата бегалци од Егејска Македонија, прикажувајќи ги емоционалните патешествија преку сеќавањата на главниот лик, и самиот дете бегалец, кој сега се наоѓа во Дом за стари лица, повторно преживувајќи ги моментите од детството и патот од Егејска Македонија до далечната Австралија.


Вечерашната изведба е дел од турнејата низ Македонија, а претходно таа се прикажуваше во  Кочани, Битола, Куманово, Штип и Струмица, а ќе биде дел и од програмата на фестивалот Војдан Чернодрински во Прилеп.

Задоволни сме од реакциите на публиката низ градовите во Македонија, како и од публиката во Австралија каде ја дававме претставата 11 пати пред да дојдеме во Македонија. Луѓето од претставата излегуваат со насолзени очи и задоволни што токму оваа тема ја обработуваме во драмата, особено сега кога е актуелен грчко- македонскиот спор со името, вели Душан Ристевски, кој е дел од актерската екипа на театарот од Сиднеј.

Во претставата играат: Васко Србиноски, Соња Зенговска, Пецо Зенговски, Митра Недановска-Нешковска, Стефо Нанцу, Татјана Тодороска, Спасиа Огненовски, Илдико Каса, Јасмина Зенговска, Душан Ристевски и Јован Ристевски.

Сценариото е на Стефо Нанцу и Душан Ристевски, а продуцент е Зоран Лозевски. Претставата е во режија на Стефо Нанцу.

Т. К.