Претставата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле претставува национално богатство. Таа не е само продукт на театарот, туку една сериозна вистинска вредност во однос на заштита на едно живо национално благо, кое ние некогаш сме сакале дури тенденциозно да не го профилираме. Сега се потрудивме сериозно да истакнеме едно наше дело, македонско дело, важно дело, на начин кој соодветствува со современиот свет, рече на денешната прес конференција, по повод премиерата на „Парите се отепувачка“ во Охридскиот народен театар, директорот на Центарот за култура Горан Стојаноски.

Парите се отепувачка ќе ја видите во една форма во која буди сериозни емоции, сериозни вредности, човекови вредности и дава многу убава порака. Јас нема да детализирам за тоа, за тоа ќе зборува уметничката екипа. За жал, ама и за среќа, премиерата е распродадена. Останати се неколку карти за предпремиерата, но следната претстава е најавена и ја најавувам официјално на петти ноември, рече Стојаноски.

Режисерот Андреј Цветановски изрази задоволство што повторно работи со Охридскиот народен театар напоменувајќи дека ова е веќе петта премиера и дека во ниеден друг театар немал повеќе премиери.

Многу ми е драго дека повторно работам со оваа екипа со којашто мислам дека поминавме еден убав процес во којшто направивме работи со коишто можеме да бидеме задоволни. Ќe видиме публиката што ќе каже. „Парите се отепувачка” е класика за македонската драматургија, еден од првите битови текстови во македонската драма и мислам дека најдовме еден нов сценски прочит на тоа дело. Се обидовме да направиме, според мене, една античка трагедија на македонски начин. И она што е мислам главното прашање според мене во претставата, која е жртвата на човекот што оди на печалба и која е жртвата на семејството што го чека печалбарот. Мислам дека во таа теза, во тие прашања се обидовме да направиме претстава која што мислам дека е емотивна, полна и дека има одлични актерски остварувања и се надевам дека публиката ќе ужива во тоа, додаде Цветановски.

Актерската екипа ја сочинува Стрезо Стаматовски (Митре), Филип Кипровски (Анѓеле), Марија Новак (Мара), Адријана Билаловиќ – Тодороска (Ката) и Никола Тодороски (Софре).

Актерот Стаматовски посочи дека има една многу силна порака во претставата која што е вткаена таму некаде низ целата пиеса, а тоа е дека се случувало, се случува и ќе се случува насекаде, каде што постои и додека постои капиталистичкиот строј.

Така ја почнува Ристо Крле оваа пиеса. Зошто го кажувам ова? Уште тогаш го препознал, односно ја препознал таа монструозна моќ на капитализмот, кој што се слевал од Запад, во едно општество тука за тој период, каде што било многу далеку од такво едно уредување. Не само што го препознал, него и како да сакал да пренесе една порака дека ќе биде не многу убаво во иднина. И сега, ако треба да го префрлам сето тоа во денешно време, овој либерален капитализам во кој што живееме, каде што сме сведоци од, не знам, заради материјални добра, брат брата убива, па сè до држава, држава срамнува, во името на среброљубието, во името на парите, во името на ресурсите. Тоа некако како да нема крај и како да нема душа. Тој капитализам ги јаде душите на тие луѓе, исто како на ликот Митре којшто го играм јас, рече Стаматовски.

Објаснувајќи за својот лик посочи дека тој е родителот којшто го испраќа детето и го очекува детето, го одделува детето од себе и го очекува секој момент да се врати.

Вториот дел е додека го очекува да се врати и целата трагедија во однос на исчекувањето, и оној третиот сегмент каде што среброљубието му ја јаде душата на тој човек, во името на да се има повеќе. Затоа што кога немаш ништо, првото нешто кое што го посакуваш, за да дојдеш е она кое што тебе ти е доволно. Е, тука е силата на човекот да знае што му е доволно. Очигледно, мислам дека многу луѓе денеска не знаат што е доволно и секогаш се во потрага по нешто повеќе и повеќе и повеќе. Тоа е една порака генерална, вткаена во оваа една би рекол семејна, античка, како ја нарече, македонска трагедија со повеќе епитети. Еден многу интересен современ лик и ракопис на едно битово дело наше напишано, додаде Стаматовски.

Режисерот Цветановски спомна дека ова е негова петта соработка со Охридскиот народен театар и јас досега сум учествувала во сите негови претстави и тоа е најмногу што имам соработувано со некој режисер досега, рече актерката Адријана Билаловиќ – Тодороска.

Се надевам дека ќе следуваат уште соработки во иднина и морам да кажам дека е убаво да се посведочи, да се почувствува неговото зреење и развој како режисер низ годините. Сакам да потсетам дека Ристо Крле е стружанец, што значи е многу блиску тука и мислам дека е најадекватно и соодветно што, и мило ми е што ние како ансамбл го работиме овој текст како еден од најзначајните од редот на македонската битова драма. Ги поканувам љубителите исклучиво на комедија во Охрид бидејќи, го знаеме клишето за охридската публика, ако не е комедија, не доаѓам. Мислам дека е време да се скрши таа предрасуда, зашто веќе, колку четиринаесет години постоиме официјално како театар и време е да се надмине, бидејќи е предрасуда да мислиш дека само на комедија ќе си поминеш убаво. Ви ветуваме многу убаво искуство и ќе се наполните со плејада на емоции и ќе си заминете дома, исполнети и можеби полни со прашања. Малку тажни, малку среќни, ќе добиете едно прекрасно искуство, додаде Билаловиќ – Тодороска.

Ова е една тема која што е актуелна, била и ќе биде актуелна, а мислам дека ние како менталитет имаме еден посебен однос кон темата „Парите се отепувачка”, затоа што, сакале ние или не, темата на печалбарството, односно во секоја фамилија има барем еден човек којшто заминал некаде во белиот свет,  по потрага по подобар, поисполнет, посреќен живот, рече актерот Никола Тодороски.

Јас го толкувам ликот на Софре којшто мислам дека е во една, барем јас како се поврзувам со темата. Мојот лик е во една константна потрага по тоа каде е лимитот и каде треба да се престане. Односно, како што кажа и колегата Стрезо, секогаш ние сакаме нешто повеќе. Секогаш сакаме да биде подобро, посилно, поинтензивно. Прашањето е каде е лимитот, каде треба малку да се стави граница. Мислам дека оваа претстава ќе биде ново искуство за нашата публика и се надевам дека на луѓето ќе им се допадне. А и ако не им се допадне, исто така е во ред, зошто работата на театарот е да поставува прашања, посочи Тодороски.

Ние што се занимаваме со уметност често имаме тенденција да ги комплицираме работите за да кажеме нешто повеќе и нешто што можеби и нема толку многу значење да го направиме позначително, имаме тенденција да ги прошириме и да додадеме, да ги обремениме работите. Ама овде, во конкретниов случај мислам дека сосема спротивното се случи и многу сум среќен заради тоа, посочи актерот Филип Кипровски.

Лично јас не сум многу голем љубител на македонската битова драма. Тоа е моja лична преференца, но уште од првата проба бев среќен што Андреј ја имаше извлечена есенцијата од текстот, успешно ги имаше скратено непотребните флоскули, непотребни додавки и сето она што би било филер и се имаше позанимавано со она што вистински ги тангира проблемите оттогаш па и денеска сè уште. Истото се провлекува и во изгледот на сценографијата. Многу умешно и естетски мислам дека ја следи линијата што Андреј ја имаше замислено и ние сите заедно работевме на неа. Ние како ансамбл работевме на некои основни емоции и основни односи претставени на поголема слика. Односно еден микро свет на едно семејство претставува да речеме една поголема слика на едно општество тогаш. Ама и тие проблеми сè уште се провлекуваат до ден денеска. Мислам дека успешно и умешно го сработивме тоа и искрениот пристап на секој еден од нас што беше дел од проектот ќе се види на сцена и дека публиката ќе биде горда на овој проект како проект на Охридски театар, а мислам дека искрено ќе биде препознаена и од останатите луѓе од фелата и дека имаме убава и добра претстава којашто со задоволство можам да ја препорачам на било кој да дојде и да ја погледне, додаде Кипровски.

Покрај актерската екипа за претставата да биде изведена професионално задолжени се и инспициентот Филип Ангеличин – Жура, за тон и видео проекции Никола Јосифоски, за светло Борис Велјаноски, гардероба Деса Лазороска, Линдита Мерко, реквизити Соња Крстаноска, Маријана Николоска, како и за сценската декорација Ѓоко Китоски, Горан Георгиески, Јане Велјаноски и Кире Ангелоски. Претставата е во времетраење од 1 час и 20 минути.

Премиерно истата ќе биде изведена во петок, 31 октомври, со почеток во 20 часот, додека претпремиерата ќе се одржи на 30 октомври, со почеток во 20 часот.

Н.С.Ј.