Денес и утре, на програмата на фестивалот “Охридско лето” е настапот на Ателјекончон, истражувачкиот театар од Бергамо- Италија со претставата “Сувенир”.

Предвиден е еден поразличен настап, при што делови од перфомансот ќе се прикажуваат на неколку локации низ градот. Во 12 часот, попладнево, актерската група ќе тргне од Центарот за култура “Григор Прличев”, и ќе продолжи да се движи до градскиот плоштад па се до плоштадот кај Чинарот каде ќе биде прикажан поголем дел од претставата. Делови од перфомансот ќе се прикажуваат и вечерва со почеток во 21 часот, како и утре во 12 и 21 часот.


Станува збор за копродукциски проект во кој се мешаат неколку култури и во кој учествуваат уметници не само од Италија, туку и од Русија, Турција, како и млади актери од Македонија.


– Претставата “Сувенир” е само еден момент од нашиот истражувачки проект, дел од нашето истражување овде. Среќни сме да работеме со уметниците од Македонија и што ја добивме поканата да учествуваме на фестивалот, изјави на прес конференцијата, режисерот Андреа Бенаљо.

Истражувачкиот театар Ателјекончон, предводен од страна на актерот и режисерот Анреа Бенаглио, го фокусира своето внимание на развојот на оригинална театарска пракса врз основа на длабоко истражување на различни мултикултурни и мултидисциплинарни елементи. Оваа насока на работа црпи енергија од сигурноста дека истражувачкиот метод на театарот е важен и почитуван инструмент за да се запознаат различните култури и популарните традиции. Чекор по чекор се запознаваат посебни традиционални уметнички техники, а театарот открива различни универзални начини на изразување, на отворањето на различни уметнички инструменти за создавање на актерот.

OhridNews