Mинистерот за здравство Никола Тодоров на прес-конференција го промовираше предлогот на долго најавуваната мрежа на здравствени услуги. Како што пренесува „Макфакс“,предлог моделот е изготвен  врз основа на истражувањето спроведено од страна на Министерството за здравство и демографски критериуми.

Анализите како што објасни министерот Тодоров, укажуваат дека е потребен еден тим за општа медицина на ниво на примарна здравствена заштита составен од еден избран лекар и една медицинска сестра на илјада  жители, еден тим за стоматологија на ниво на примарна здравствена заштита составен од еден избран стоматолог и една сестра, исто така, на илјада жители. Во секундарната здравствена заштита е потребен еден доктор специјалист по интерна медицина на 8.000 жители, еден специјалист по хирургија на 15 илјади жители и слично.

Тодоров појасни дека со мрежата на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита, се одредува за подрачјето на Република Македонија, односно по статистички региони, максималниот број специјалисти по дејности, бројот на постели по одделни дејности во болничките здравствени установи на ниво на секундарна здравствена заштита, структура на терциерната здравствена заштита како и максимален број на определени услуги на ниво на регион или на ниво на целата земја.

„При утврдувањето на критериумите, покрај основниот демографски критериум, водено е сметка и за потребите на населението од здравствени услуги, возраста, полот, социјалната структура и здравствената состојба на жителите на подрачјето за кое се определува мрежата, обезбедување на рамномерна достапност на здравствените услуги, обезбедувањето на здравствени капацитети согласно со обемот на правата од задолжителното здравствено осигурување и економската оправданост, технолошкиот и научниот развој во областа на здравствената дејност, степенот на урбанизираност на подрачјата, специфичностите на населеноста, сообраќајните поврзувања, миграциите на населението и достапноста до здравствените установи како и посебните услови на демографски загрозените подрачја“, нагласи Тодоров.

Прецизираше дека терциерната здравствена заштита, како и определени здравствени услуги коишто поради нивната специфика се централизирани во една или две установи, се утврдени на државно ниво.

„Согласно законските одредби, мрежата е поделена на мрежа на примарно ниво на здравствена заштита, мрежа на секундарно ниво на здравствена заштита и мрежа на терциерно ниво на здравствена заштита. Со мрежата на ниво на примарна здравствена заштита се одредува максималниот број на тимови од примарна здравствена заштита (општа медицина, стоматологија и гинекологија) и максимален број аптеки на ниво на општина, како и максимален број на биохемиски лаборатории на ниво на примарна здравствена заштита на ниво на статистички регион“, рече министерот Тодоров

При изработката на мрежата, инаку, користен е хрватскиот модел на мрежа, кој пота е адаптиран за македонски услови, а во нејзината изработка учествуваа лица од Министерството за здравство и експерти од Институтот за јавно здравје.

OhridNews
извор: „Макфакс“