Позитивни се оценките во однос на мерките и препораките за заштита на Охрид и охридскиот регион кои се спроведени досега од страна на локалната власт, но по увид на состојбата на терен, се очекуваат нови препораки во декември. Тоа што генерално е како заклучок од претставниците на Бернската и Рамсарска конвенција и експерти од комисиите на УНЕСКО при посетата на Општина Охрид, е дека потребно е работа на терен, односно конкретна примена на плановите.

Андреј Совинц, претставник на Бернската конвенција, вели на средбата бил ставен акцент на три прашања поврзани со нелегалните градби, управување со Езерото и Студенчишкото блато.

Тоа што се случува со нелегалните градби навистина не би требало да се случува на подрачје кое има толкава глобална вредност. Слушнавме зборови дека и оваа власт ќе се погрижи за тоа овој процес да застане и да се направи тоа што е потребно за нелегалните објекти, да се пристапи и да се почне да речеме да се решава проблемот. Второто прашање беше за управување со Езерото кое сега е Парк на природата и слушнавме што е многу важно на национално ниво дека Општина Охрид не само што ќе управува тука на овој простор и да става важни напомени на хартија, туку ќе размислува и за тоа дека конечно ќе дојде и до управување на терен, да се управува како со вистинско заштитено подрачје. Тоа е нешто што е многу важно. И третото прашање за Студенчишкото Блато. Ова е едно од последните подрачја кои имаат карактер на вистинско мочуриште, но е многу загрозено, потенцира Совинц.

Проблемот, вели, нема да се реши само со закон туку со негова имплементација на терен. Ова блатно подрачје, додаде, може да згасне за неколку години ако одма не се преземат мерки кои се однесуваат на  отстранување на се тоа што е штетно, загадувањето, одземањето на водата, некои илегални градби и потоa обавезно да се поврзи тоа подрачје со езерото зошто ќе пресуши за неколку години и тоа нема да биде добро.

Се повеќе туристи ќе доаѓаат да ги видат тие птици. Тие нема да доаѓаат само за Езерото, туку да ја гледаат и природата. На крајот истакнавме и дека посебно внимание ќе биде ставено на тоа добро да се размисли каде ќе биде лоцирана новата марина и јасно е дека во каналот кај Блатото не смее никако, посочува Совинц.

Нашите заложби и потези како локална самоуправа се добро примени и позитивно гледаат на тоа како би постапувале по однос на мерките и препораките за заштита на Охрид и охридскиот регион, вели градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, но вели свесни се дека сето тоа што повеќе од триесет години не се правело не може преку ноќ да биде завршено.

Од тоа што ние веќе како план го имаме или веќе отпочнато или завршено се задоволни. Следниот состанок кој е отсега закажан ќе биде на крајот на декември каде што врз основа на тоа што ќе го видат во овие три-четири дена на терен ќе изготват извештај кој ќе доведе до некои заклучоци, врз основа на кои наверојатно ќе донесат нови мерки и препораки. Ние сме подгтвени да работиме на препораките и мерките кои ги имаме и сега, а секако и на следните. Побаравме помош за одредени проекти и работи. Ја прифатија подадената рака и се надевам дека во наредниот период соработката ќе се продлабочи, а се со цел задржување на статусот на Охрид под УНЕСКО, додаде Пецаков.

Претставници на мисијата продолжуваат со увид на терен, средби со претставници на институциите и невладините организации.

Н.С.Ј./Г.М.