Претставници од колеџот „Жеси де Форест“ од Авен сур Хелп, Република Франција, изминативе денови беа во посета на Охрид.
Професорката Кристел Леруа и шеф Фредерик Рус реализираа Еразмус+мобилност за продлабочување на односите со Факултетот за туризам и угостителство и средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.
Делегацијата оствари и средба со деканот на ФТУ проф. д-р Снежана Дичевска и раководителот на студиската насока- гастрономија доц. д-р Климент Наумов, како и со директорот и управата на училиштето „Ванчо Питошески“.
Се разговараше за идни проекти и реaлизација на нови мобилности во Франција на студенти и ученици од двете институции, како и професорски кадар, информираат од ФТУ Охрид.
Тајните на готвењето слатки производи беа пренесени и на учениците од средното угостителско училиште во Охрид преку практични подготовки.
Во кабинетот по готварство при ОУТУ „Ванчо Питошески“ се изврши демонстрација на подготовка на топло тесто (pâte à choux) и слаткарски крем (crème pâtissière) како и нивна терминална реализација и спојување во форма на еклери и профитероли од страна на шеф Фредерик Рус, а во асистенција и јазична практична интерпретација на нашиот професор Климент Наумов, додаваат од ФТУ Охрид.
OhridNews