Голем број граѓани денес пред Основниот суд во Охрид излегоа да дадат поддршка за адвокатот Тони Менкиноски против кого во тек е процес за поставувањето на знамето со сонцето од Кутлеш на малиот плоштад во Охрид.

Анкетираните граѓани велат поставеното знаме е наше македонско, а Менкиноски го судат неосновано за што ја има нивната поддршка и сега и во иднина.

  • Овде сме за поддршка на Менкиноски и ова наше знаме македонско. Ние друго знаме немаме. Нека се срамат тие што го судат.
  • Не е е убаво што го судат, ова е Македонија на Македонците.
  • Ако почнеме од 1945 година се наваму се повторува. Македонците тогаш што подобро сфатија наместо во Солун во Срем ги пратија. 2017 уставобранителите што предавството го сфатија по затвори ги испратија. И денес истото време се враќа нашиот Тони по судови се враќа.
  • Во ниеден закон не постои дека забрането е да се вее старото наше македонско знаме. Македонскиот народ се крена се осознае и нема веќе страв.
  • Способноста на Тони како правник и голем Македонец се покажува преку тоа што седумнаесет пати во Меѓународниот суд за човекови права ја има победено Бугарија и докажа дека Македонците таму треба да ги уживаат сите права во земја членка на ЕУ. Неспособната наша власт наоѓа Македонците да ги ништи на секој начин. Ова е еден добар почеток за враќање на македонското вистинско знаме на нашата држава. Ова сега што е официјално државно знаме е принудно и наметнато. Ние сме и ќе останеме Македонци и само Македонија.
  • Повторно и на следното закажано рочиште ќе бидеме заедно со Тони, ќе го поддржиме ова знаме и ќе бидеме сите заедно.

Менкиноски во излагањето потврди дека примил барање за поведување прекршочна постапка поднесена од СВР Охрид против него, но нагласи дека во самиот опис погрешно било наведено дека тој истакнал знаме со сонцето од Вергина, додавајќи дека точно е дека истакнал знаме, но со сонцето од Кутлеш.

Воедно рече дека го признава фактичкиот настан на 19 јануари дека во 10 часот во Охрид на улица „Коста Абраш“ кај малиот плоштад на ѕидот на западната страна го има истакнато македонското знаме со сонцето од Кутлеш.

Користењето на називот Вергина е грчки топоним. Ние треба да си го користиме сонцето од Кутлеш, тоа е нашето име за ова сонце. На судењето денес воопшто не се појавија припадници од Министерството за внатрешни работи. Очигледно дека МВР бега од средба и не дојдоа денес да објаснат како тоа ние сме го нарушиле јавниот ред и мир. Јас не се чувствувам воопшто виновен, горд сум што го истакнав македонското знаме и не се чувствувам виновен дека сум го нарушил јавниот ред и мир. Немам повредено ниту еден закон, меѓународен договор или билатерален договор со тоа што го имам истакнато македонското знаме, рече Менкиноски.

Додаде дека ако и за главната расправа која е закажана во септември не се појават претставници од МВР ќе бара ослободителна пресуда поради тоа што не се појавува никој од другата страна.

Ослободителната пресуда треба да значи слобода за нас Македонците, достоинствено и гордо да го вееме знамето од Кутлеш. Ова не е битка за мене, туку за нас Македонците. Во една слободна држава да не смееме да го развееме македонското знаме нема поголем апсурд, додаде Менкиноски.

Главната расправа е закажана на 26 септември во 9.30 часот. Претходно, на 16-ти јуни беше одложено судењето исто така поради отсуство на претставник од полицијата.

Н.С.Ј.