Под мотото – “Биди одговорен возач- не користи мобилен телефон“ на подрачјето на Охрид и Струга, беше спроведена сообраќајно едукативна акција.

На учесниците во сообраќајот им беше укажувано дека користењето на мобилен телефон додека се управува моторно возило е опасно и спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Исто така, на возачите им беа делени едукативни летоци изработени во соработка со РСБСП со корисни совети за учeсниците во сообраќајот, информираат од МВР.

Акцијата беше спроведена од страна на полициски службеници од Отсек за превенција при СВР Охрид, како и полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Охрид и Полициското одделение за БПС – Струга, а во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќај на патиштата.

Претходно на подрачјето на Охрид и Струга беше спроведена и превентивната кампања „Биди подготвен за безбедно патување во зима – користи зимска опрема“.

Целта на превентивната активност беше да им се укаже пред се’ на возачите како непосредни учесници во сообраќајот, односно да се потсетат за задолжителната обврска за поседување на зимска опрема како учесници во сообраќајот, како и околу потребата од прилагодување на зимските услови на патиштата, а во насока на безбедно движење и пристигнување на посакуваната дестинација.

На возачите – учесници во сообраќајот им беа делени едукативни летоци изработени во соработка со РСБСП со информативна содржина околу законските прописи и сообраќајни правила, во врска со зимската опрема како и за условите на возење при отежнати коловози. Покрај ова, полициски службеници од ПО за БПС-Струга на подрачјето на Струга исто така продолжија со спроведување на превентивно едукативна акција под мотото „Вози одговорно, патувај безбедно“, а во соработка со РСБПС. И во рамките на оваа активност на возачите им беа поделени летоци со едукативна содржина, пред се околу стриктното избегнување на управување со моторно возило доколку се конзумира алкохол, како и за почитување на правилата за ограничување на брзината, а се со цел безбедно одвивање на сообраќајот и зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот, информираа од МВР.

 

OhridNews

фото. МВР