„И јас и ти сме пешаци“, „Носи кацига“, „Користи пешачки“, „Одговорно паркирај“, „Спречи кражби“, се дел од превентивно-едукативните кампањи што СВР Охрид ги реализира во текот на главната туристичка сезона.
Целта е, велат од Министерството за внатрешни работи, подигнување на безбедносната култура кај граѓаните, поголема внимателност во заштита на личниот имот и сопственост, одговорно однесување во сообраќајот и подигнување на сообраќајната безбедност.
Полициските службеници од Отсекот за превенција на повеќе локации во градот остваруваат кратки средби со граѓаните и туристите кои престојуваат во Охрид, ги посетуваат плажите и туристичките комплекси на подрачјето и, низ кратки разговори, ги потсетуваат на потребата од поголема грижа за паричниците и другите вредни предмети што ги имаат и да не ги оставаат необезбедени. Исто така, на пофрекфентните сообраќајници, се потсетуваат возачите на моторни и други возила, крајно внимателно да ги управуваат, да ги почитуваат сообраќајните знаци и другата вертикална и хоризонтална сигнализација, возилата да ги паркираат исклучиво на означени паркинг места и простори, а не на коловози, тротоари и велосипедски патеки, посочуваат од МВР.
Пешаците, пак, потенцираат, треба да ги користат обележаните пешачки премини за премин на коловозите, велосипедистите да ги користат обележаните велосипедски патеки…
На граѓаните и туристите им се делат и едукативни летоци со низа практични совети, со цел поефикасна заштита на нивните вредни предмети и друга лична сопственост, како и зголемување на нивната безбедносна култура, додаваат од МВР.
Оваа проектна активност е во рамките на концептот „Полициско работење во заедницата“, кое подразбира градење посилен партнерски однос помеѓу полицијата и граѓаните во спречување, намалување, откривање и решавање на безбедносните проблеми и предизвици.
OhridNews